Search This Blog

Monday, December 26, 2011

Воспитанието - клучно во изградбата на личноста

Иако индивидуалноста на луѓето несомнено постои и не одредува кои сме низ патот на созревањето, сепак постојат фактори кои во одредена мера влијаат на тоа. Градењето на личноста е процес, кој е долготраен, односно, процес кој нема крај. Човекот своите мисли, ставови, начин на однесување, континуирано ги надоградува, менува. Во прилог ќе имате можност да прочитате текст во кој се зборува токму за оваа тема, која верувам се согласувате е доста важна, не само од општествена гледна точка, туку и од аспект на зреењето на луѓето и претворањето во морални, достоинствени и чесни индивидуи, кои не се склони на дискриминација, предрасуди и најразличен стереотипи. 
Како продолжеток на текстот кој пред неизвесно време го добивме од нашата верна читателка Клаудија Мановска, таа на доста разбирлив и едноставен начин ги посочува фактите кои се клучни и неоспорни - улогата на семејството, училиштето во воспитанието и самото градење на личноста, воопшто.



 Можеби во минатиот текст, не дадов некоја конкретна солуција за тоа како може да се излезе од кризата на вредностите и моралот (тоа беше темата на муабетот), меѓутоа, човекот учи исклучиво од сопствените грешки (само ако е свесен за истите), па, верувам нема да ми се повтори такво недефинирање на излезот од проблемот, односно препреката. 
Во последниов период, во главно, ми се врткаат некои исти мисли низ главата, кои се само една рефлексија на она што реално ми се случува во животот. 
Живееме во општество, свесни или несвесни за тоа колку истото влијае врз нас, луѓето. Со се што оди во пакет со него. Влијанијата не секогаш се позитивни, или подобро кажано, повеќето од нив се негативни во денешно време. Мора да имаме такви одбрамбени системи, кои не би дозволиле негативното да ни се пресели во нашите прилагодливи животи. Воспитанието е тема која треба детално да се разгледува...секогаш и постојано. Децата излегуваат од мајчината утроба, а со тоа започнува и нивниот процес на воспитание. Има една анегдота која вели дека докторот, кога дошле родителите да прашуваат од кога треба да почнат да го воспитуваат нивното тригодишно дете, рекол дека веќе доцнат 3 години. Ова само го користам како аргумент на претходно споменатото. Значи, изгледа дека навистина на воспитание се учиме уште од најмали. 
Воспитанието е сложен процес, а неговата цел е да ги изгради биолошки дадените индивидуи во педагошки зададени личности. Односно, битен е моментот на изградување, или, обликување на личноста. Треба да се усвојат некои навики и формираат уверувања со што личноста ќе биде способна да мисли со своја глава, да биде самоактивна, оригинална, да знае да вреднува, критички да зазема одредени стваови, да аргументира. Со други зборови, воспитанието треба да му овозможи и помогне на поединецот да може да живее, работи и дејствува самостојно во околината во која живее. И тука се поставува клучното прашање: Како да се тргнат најмалите од штетните, негативни влијанија кои доаѓаат од општеството? Многу едноставен е одговорот. Треба да се тргне од семејството. Семејството е средина со која најпрво се среќава малото дете. Комуникацијата со родителите и потесното семејство е токму она кое е појдовен елемент во формирањето на личноста. Родителите се тие кои треба да го штитат своето дете, не дозволувајќи да се појави некоја фалинка во воспитанието. Несомнено, мора да се стави посебен акцент на воспитувањето кое го даваат родителите, бидејќи подоцна, тоа ќе биде единствениот показател за личноста на детето. Од воспитанието кое детето го добило дома, ќе зависи дали тоа ќе дозволи да му влијаат ненамерните (негативни) влијанија од средината. Друго решение е училиштето. Училиштето е втора битна компонента во воспитувањето на децата. Предучилишното, исто така, заедно со воспитувачите. Тоа значи дека воспитувачите, учителите и наставниците играат значајна улога во животите на децата. Тие треба да го знаат тоа, и да се потрудат да ги учат децата на морални и етички вредности, кои би биле позитивни, се разбира. Од тука потекнува поврзаноста на воспитниот и образовниот процес. Покрај образувањето (на кое се придава поголемо значење), учениците треба да се воспитуваат. Тие најмногу време поминуваат во училиште и дома, додека се помали. И, сосема е разбирливо дека родителите и учителите треба да помогнат во целосното формирање на личноста. Кога детето ќе се воспита, мала е шансата да општествената средина негативно влијае врз него. 




No comments:

Post a Comment