Search This Blog

Friday, December 16, 2011

Традицијата и менталитетот - изговор при кршењето на човековите права

Често се соочуваме со фактот дека традицијата во Македонија е многу важна работа и има примарно место кај речиси секое семејство. Со самото наше раѓање го впиваме воспитувањето и размислувањата од домашните, како што и тие впивале од нивните родители. Однапред се знае дека момче со долга коса е или зависник од наркотици или скитник или некоја друга сорта што не сакам да ја споменувам. Девојка која седи сама во кафуле и пие кафе притоа читајќи некоја книга е чудна. Сигурно нешто не е во ред со неа. Кој друг седи сам во кафуле?Тоа не е нормална појава. Човекот кој живее сам и по 30-тата година и нема жена во својот живот е сигурно хомосексуалец. Или и со него не е нешто во ред. Табиетот не му чини. Менталитетот ни го налага тоа. Традицијата не прифаќа такви „ испади “ Неприфатливо е цел живот да го посветиш на своето дете и еден ден да слушнеш како ти вели : „Мамо, јас ќе се откажам од факултетот. Едноставно не ме интересира истото што и тебе. “ Разочарување е доколку еден ден чуеш : „ Тато, јас немам девојка затоа што ме привлекуваат мажи. “ Или нешто од типот : „ Решив. Сакам да бидам музичар. Не сакам да бидам доктор, како вас. Ова е мој живот. “ Цел живот го поминавте размислувајќи што е најдобро за вашите деца и сега кога им го пружате најдоброто, тие сето тоа го отфрлаат. Неверојатно нели? Ова не се случува во традиционалните семејства, туку само кај оние распуштените. 



Традицијата е збир на обичаи, драги мои. Вредности кои народот ги чува и применува со генерации. Заедништво, нишка која не поврзува. Традицијата не е дискриминација. Традицијата не е непочитување на разликите. Мешање во туѓиот живот и негово креирање. Традицијата и менталитетот не се должни да критикуваат и судат, должни се да обединат. Тука се да не потсетат од каде сите доаѓаме, да не доближат до коренот, заеднички. Предрасудата ја нема и не треба да се манифестира преку традицијата. Во тој случај, таа(традицијата), се злоупотребува и користи за дискриминирачки цели и кршење на човековите права.  Тоа е она што треба да го научиме и постојано да го имаме на ум. Сите сме исти пред законот и пред Бога, но нашите души се различни. Секој е индивидуа сама за себе и има право да го живее животот на свој начин. Никој не мора да го разбере тој начин, но е должен да го почитува. Најдоброто за нас, е она што ние самите ќе го избереме, она што нас лично не прави среќни.


Што се однесува до родителските маки, сомневања, грижи и разочарувања, тие не би требало да постојат. Секој родител го мисли најдоброто за своето дете. Но, децата не се сопственост на родителите и секоја нивна постапка и одлука не е грешка на самите родители ако не ги исполнува нивните критериуми. Гледањето на децата како продолжетоци на родителите е неправедно, токму заради сопствената индивидуалност на децата.Секој има право да одлучува и живее според своите верувања и убедувања, без притоа да биде омаловажуван и осудуван заради истите. Во прилог би напишала неколку стихови кои комплетно би ја потенцирале поентата  на наведеното :

Вашите деца не се ваши деца.
Тие се синови и ќерки на животот што копнее по себе.
Тие постигнуваат, но не преку вас.
Иако се со вас, тие не ви припаѓаат.
Дајте им љубов, но не и вашите мисли, зашто имаат сопствени.
Можете да ги удомите нивните тела, но не и нивните души,
зашто тие престојуваат во куќата на иднината до која вие не можете 
да стигнете, дури ни во соништата.
Можете да се трудите да бидете како нив,
но не барајте тие да бидат како вас,
зашто животот не оди наназад, ниту пак стои.
Вие сте лакови од кои вашите деца, како живи стрели се отпуштаат во иднината.
Стрелецот го гледа знакот на патеката на вечноста,
и Тој ве свива со Својата моќ,
за да отиде неговата стрела брзо и далеку.
Вашето свивање во раката на стрелецот нека биде радост,
зашто иако, Тој ја сака стрелата што лета,
Го сака и лакот што е постојан.

(Калил Џибран) 

1 comment:

  1. Многу добар извадок кој воедно е релевантен на текстот.

    ReplyDelete