Search This Blog

Wednesday, June 20, 2012

ЈАС во сите ВАС


Што чудна е средината во која живееме. Се прашувам дали е до мене, но често се случува сите околу мене да знаат како се чувствувам. Како размислувам, а богами и каква сум. Очигледно сите многу добро ме познаваат, или пак, имаат некоја боженствена моќ со чија помош ги дознаваат сите тие информации. Јас пак будала, си мислам дека секој е сопствена индивидуа и секој сам може најдобро да се разбере себеси. И тоа ако има среќа, некогаш и сами себе не се разбираме. НО! Сфатив дека досега живеев во тотална заблуда. Па сите останати го знаат тоа, само јас не. Како ЈАС да сум во сите ВАС! Сите знаат како ми е. И нема потреба да објаснувам. Што и да кажам е излишно, а сигурно и погрешно, оти многу пати се случува и да бидам корегирана, затоа што моите мисли и ставови ниту се точни, ниту правилни и се разбира тоа е само мојата бујна фантазија, само си умислувам, ништо од тоа што се вртка во мојата глава не е вистина. Претпоставував дека заклучоците што човек ги носи, се базираат на дела, зборови, факти и сведоштва. Сигурно дека голем дел од моите заклучоци не се измислени и не излегле од нигде никаде.

            Од кога почна да се потценува размислувањето на луѓето, поточно способноста за размислување? Зарем секој што има сопствен став и мислење е однапред осуден за истото и зошто секој став мора да биде изваден од контекст само за да се има причина за осуда и омаловажување? Фала му на Бога, сите имаме сопствен мозок и се разбира мора да биде искористен, инаку не би ни бил потребен. Моите мисли, моите ставови, моите чувства се само мои. Не е ни можно комплетно да бидат сфатени од останатите, затоа што секој е човек сам за себе, сопствена индивидуа која ги поседува сите нив, уникатни делови од личноста по кои сите се разликуваме и би требало меѓусебно да ги почитуваме.
Не потценувајте ја мојата личност. Си го сакам моето ЈАС назад. 

Sunday, April 1, 2012

Пролетно чистење

            Ах, сите со нетрпение го очекуваме пролетното чистење. Таман се запролети и гледаш килими обесени на сите страни, маркетите подготвиле акции две во едно за средствата за чистење и сите се среќни и задоволни. Подруго е кога мириса на исчистено, зар не? Арно ама, времето ни залади..И сега што понатаму? Останавте нигде никаде. Не можете да ги бришете прозорите, ќе смрзнат, оти и снегот како да сака повторно да ни дојде на гости. Ако ништо друго, би можеле да организираме едно поразлично пролетно чистење, од она на кое сме навикнати. Би почнале вака :
            Најпрвин, би требало да ја исчистиме огромната количина на вештачка интелигенција која ни се сервира секојдневно, во голема доза и тоа доста самоуверено. Некако во последно време, имам чувство дека голем, ако не и преголем број од луѓето во нашево општество, добија огромен раст на IQ-то, т.е. коефициентот за интелигенција одеднаш скокна горе горе во височините. И токму од таа причина, вишокот на интелигинција, или поедноставно кажано, памет, што гореспоменатите го имаат, почнаа да го делат и на нас, обичните смртници. За тоа, се разбира, сме неверојатно многу благодарни, што ете, нивната великодушност едноставно нема граници и решија таа дарба која ја поседуваат да ја споделат и со нас. Всушност, една работа никако да ми се разјасни. Толку многу паметни и способни луѓе, а состојбата во која се наоѓаме – капут! Или не знаеме да го искористиме тој непресушен извор на човечка интелигенција кој го имаме или пак, тој воопшто не постои!
            Потоа, таа желба за моќ, што несомнено, ја согледуваме се почесто, и тоа како треба да се избрише, прво со влажна крпа, потоа со сува и на крај да се светне со политура. За жал, не може секој да е сопственик на мазна и убава фотелја и сметка со енормна цифра на доларес, еврос и сличнос. Кога зборувам за моќ, подрзбирам пари и обратно. Порано моќта имаше различна дефиниција од сегашната, ама пак затоа, како што напредуваме и се равиваме, наоѓаме и многу поедноставни дефиниции, се со цел да не се мачиме, па така моќ = пари и точка.


            Следни на листата се себичноста, алчноста, лицемерието и се разбира омразата и гневот кои постепено го загадуваат нашиот ум, а и нашите срца. Па ние не можеме ни една реченица да составиме, а таа да не содржи говор на омраза и погрдни зборови кои ни ја трујат душата. Поделбата ни стана најдобар пријател и сопатник. Разликите станаа поважни од сличностите. Половината се засплепени, а останатата половина збунети. Згора на се, и времето се збуни – од високи температури и пролетно расположение, претчувствувам дека утре откако ќе се разбудам ќе може да започнам со создавањето на Снешко The Great, или Воинот на снег, на кој длабоко му се извинувам, бидејќи оваа зима не остварив средба со истоимениот, т.е. тој не оствари средба со Креаторот,Создавателот, уште познат и како ЈАС.


            За сето ова кое ни се случува потребна е генералка, чистка, односно, тотална дезинфекција. Гомила од бактерии го напаѓа нашиов организам, наречен општество, а ние за жал, ништо не преземаме, како и да не е наша грижа. Како сето ова да не не засега. Иако одбиваме да признаеме дека целата состојба е наша одговорност, целиот тек на настаните, некогаш, тоа ќе ни го покаже. Затоа што, ние сме тие кои одлучуваме, ние имаме право на избор, ние треба да се запрашаме што се случува, ние треба да ги решиме проблемите, да изградиме здрава средина, заснована на хармонија, почитување, толеранција, мир. Да ги удриме темелите на правдата, слогата, љубовта.
            Затоа, крпите во раце и на работа, на труд ! 


Tuesday, March 20, 2012

Факултетско образование - вреден или залуден труд?

Македонија стана факултетска земја. Скоро во секој град никнаа универзитети и студии, се со цел да се растерети главниот град и да се олесни процесот на секојдневно патување до Скопје или пак сместување под наем. Би се рекло дека се грижиме за нашата иднина, образовани млади генерации во чии раце потоа ќе биде државата и нејзиниот напредок.
А знаеме ли што ни пружаат факултетите? Ни пружаат ли задоволителна подготовка со која ќе го продолжиме патот кон светот на вработувањата? Изгледите се следни: завршуваме факултет, тражиме вработување, со гооолемо мачење ќе го најдеме и што следува потоа? Уште едно предавање од најмалку неколку месеци за тоа што всушност ние ќе работиме. Да, добиваме часови како да го работиме тоа за што сме завршиле факултет, затоа што, тоа што факултетите ни го пружиле не е воопшто доволно.

Пракса по факултетите нема, а таму каде што има, тоа е минимално и повторно по вработувањето се среќаваме со непознат свет. Неминовно е сега да го поставиме прашањето зошто трошиме време и пари на факултетското образование? Драги мои јас го немам одговорот на ова прашање. Изминаа моите факултетски денови, јас се вработив и верувале или не, учев работи кои воопшто и не биле спомнати на мојот факултет, а камоли изучени. Тие работи се, ни помалку ни повеќе, туку оние најбитните за една професија, тие работи ја сочинуваат таа професија. Тоа со сигурност знам дека не е моја вина.
Верувам дека има и такви кои воопшто нема да се сложат со оваа горенаведена ситуација, а богами и јас ќе кажам дека има институции на кои рака ќе им пружам за се што им пружаат на своите студенти. Но, таквите можеме да ги изброиме на прсти, за жал.
Можеби иднината ќе покаже дека само требало време да помине за да си дојдат работите на свое место, инаку тоа што е сегашност, единствено што ветува е квантитет и никако квалитет.

Националниот идентитет - дел од Европскиот идентитет

Преку ова видео сакаме да го потенцираме фактот, дека нашиот национален идентитет, претставува дел од Европскиот, бидејќи токму самиот Европски идентитет се состои од мноштвото национални идентитети на државите кои ја сочинуваат Европа. Со снимки од секојдневието се надеваме дека ја доловивме поентата на она што сакавме да го прикажеме, а тоа е, дека на крајот на краиштата сите сме слични и заслужуваме заеднички живот базиран на слога и хармонија, притоа почитувајќи ги разликите кои постојат меѓу нас, но и чувствувајќи се горди што ова колоритно општество во кое живееме е можеби мал, но значаен дел од едно големо семејство.

video

Monday, March 5, 2012

Серијата „Тензично општество“ репризно, секој ден!

Колку и да сакаме да ја избегнеме реалната слика за секојдневието, за случувањата околу нас, невозможно е. Иако ми е тешко да го разберам овој, за мене, феномен, сепак е присутен и тоа како. Многу  малку недостасува за сите да ги извадиме на виделина сите скриени чувства, за жал, непријатни. Чувства на очај, омраза, незадоволство, нечовечност. Никако со ладна глава да ги согледаме работите и да почнеме да размислуваме какви последици може да ни донесе начинот на кој се однесуваме меѓу себе.
Од настаните што се случија во изминатиот период, единствено може да се заклучи дека сите ние живееме во заблуда. Се лажеме дека градиме соживот и дека постои кохезија во општеството, а воопшто не се ни трудиме тоа да го постигнеме. Како да чекаме во сенка, само една мала провокација, за таа да резултира со масовна ерупција на огорчени чувства. Зошто баш во тие моменти постои сплотеност во нивното изразување?Од каде се раѓа таа желба на неконтролирано интерпретирање на лоши мисли, ставови и одбивност?
Кога сите би се ослободиле од политичките притисоци, манипулации и разно разни влијанија кои постојано ни ја трујат душата со емоции кои би требало да бидат непознати за нас, ситуацијата би била поинаква. Кога би успеале стравот да го неутрализираме со пристојно и култивизирано меѓучовечко однесување, би можеле да се слушнеме едни со други, и слободно би го изразувале сопственото мислење, без притоа да се плашиме дека ќе бидеме осудувани и понижувани заради истото.
Време е дијалогот да ја заземе потребната улога во ова општество, каде што зборот ќе биде средството со кое ќе се разбираме и ќе споделуваме пријатни мисли, чувства на пријателство и коректни односи. Време е да ставиме крај на горенаведената серија, репризите само продолжуваат да не хранат со омраза и горчина, а тоа сигурно нема да резултира со позитивен исход. Време е оваа серија да заврши со среќен крај ;-)


Tuesday, February 7, 2012

Си беше еднаш на „Дивиот Запад“

Никако деновиве да ми излезе од глава  нумерата ,,What's going on?,, од 4 Non Blondes. Рефренот постојано ми одѕвонува во ушите и тоа така жестоко, баш како што ја интерпретира пејачката. Не можам да ја сварам ситуацијата која во последно време се одвива во Македонија. Како да се враќаме назад, страв ми е и да изговорам, во 2001-та година, а не да се движиме во нагорна линија. Мислевме дека соживотот ќе биде дел од нашето секојдневие, дека сите, ако ништо друго, барем ќе се обидеме да живееме во заедништво, исполнето со коректни односи. Впрочем, никој и не ни бара да водиме љубов! Едноставно, меѓусебно почитување и толеранција ќе бидат доволни.
Но, тоа не важи за ,,Дивиот Запад,,. Не, не и не!Мора постојано да се случуваат протести, палење на државни знамиња и верски објекти, исмејување на вера, националност, понижувања преку навивачки песни и така се до крајот на листата, а таа е богами многу долга. А оние кои би требало да дејствуваат против ваквиот развој на настаните, скапоцено време трошат на меѓусебни препукувања и обвинувања. Што ли се случува со нас? Не сакаме ли да ставиме крај на ваквото сценарио? Кој ли стои позади ширењето на ова нетрпение и гнев? Не можам да ја разберам сета таа омраза што ја шириме едни кон други. Зарем не постои никакво решение на нашите проблеми? Ова ли е начинот на однесување, на кој ќе ги учиме идните генерации? Ваков живот ли им посакуваме на оние кои допрва ќе доаѓаат на овој свет? А ќе биде и полошо, доколку сите постапки кои резултираат со бунт и револт не бидат санкционирани.


А мистеријата лежи во тоа, пак, како одеднаш ситуацијата дојде до точка навриење? Кој го иницираше текот на настаните во изминатиот период? Сите тоа се прашуваме. Никој не знае, а сите се бунат. Никој не е запознаен со ништо, а сепак сите имаат нешто да кажат за целокупнава приказна. Ај што има две страни кои упорно се обидуваат да докажат кој е во право а кој во криво, па и останатите дополнително ги разгоруваат страстите и никако да стават крај на ова старовремско и нечовечно однесување.


Кога ќе се свеснеме дека цената која ќе ја платиме заради сиот овој гнев кој владее меѓу нас, ќе биде многу висока? Кога ќе увидиме дека еднаквоста меѓу нас е неприкосновена? Омразата никого не одвела далеку. Нема ниту нас. Додека народот меѓусебно се убива и мрази, некој слатко се смешка и се гордее со постигнатото. А она што најмногу ме разочарува е фактот дека потребно е многу малку за вистинските чувства и мисли на сите да излезат на површина. А тоа наведува на размислувањето дека целата слика за мирен и толерантен соживот е една обична фарса. Доволни се само мали провокации за да го докажат претходно кажаното. Којзнае, можеби наскоро сите ќе си ги отвориме очите и ќе сфатиме до кај сме стигнале или, сме се уназадиле. Само дај Боже да не биде доцна.
За крај, ако ништо друго барем слушнете ја песната за која ви говорев на почетокот и  scream from the top of your lungs : WHAT'S GOING ON?! Чисто за утеха...