Search This Blog

Wednesday, December 28, 2011

Судството застојува - недовербата расте

Кога разговараме за градење на демократско општество во една држава всушност разговараме за градење на држава во која секој има право да го ужива она што му е загарантирано со уставот и законот на таа држава, а тие загарантирани права се без граници. Кога некој ќе ускрати нечие право, постои институција во која тоа ќе биде доведено во ред, судството и нејзините овластувања и органи. 
Почитувањето на правата на другиот е едно од основните принципи за се да функционира како што треба, но и тие кога по некоја случајност ќе бидат прекршени, одговорниот треба да се казни. Одговорноста кај нас претставува мислена именка, прво од оние кои со неа владеат, па се до обичните граѓани кои се одлучуваат на затскривање со закани и заплашувања. 
Оние кои ќе одлучат да тужат и да ја бараат правдата во институциите наменети за тоа трошат време, пари, нерви, а многу ретко добиваат судска разрешница и притоа таа да биде праведна. Тужениот ја обжалува одлулката донесена после долги години, предметот повторно се враќа во постапка отпочеток и оној кој бара правда веќе и ќе заборави за што всушност се бори.
Големи случаи на организиран криминал стојат неразрешени и често завршуваат со отфрлање на обвинението. Еве неколку од таквите случаи кои стојат во место: (http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=84D986A4E677E84D801A8A2266694782

Кога ќе се разгледаат сите овие податоци, ќе се дојде во ситуација и воопшто да се запрашаш дали вреди да се проаѓа низ таа агонија за на крај да не се добие ништо. Ќе си дадеш одговор дека не вреди, ќе го отфрлиш судството и ќе носиш правда на свој начин. И утре кога на кафе со пријателите ќе разговараме на тема каква е состојбата во нашата држава, лесно ќе кажеме дека луѓето не чинат и ќе ја префрлиме вината на менталитетот што не сме научени цивилизирано да ги решаваме проблемите. Не е баш така. Човекот гледа телевизија, чита весници, а често и сам проаѓа низ тие лавиринти и едноставно губи доверба во институциите. Не им верува. Е тука сега ќе ја побиеме вината на менталитетот, вината е кај институциите и нивната одговорност, за која погоре напоменавме дека не постои. Вината е во корумпираноста и моќта на големите кои успеваат да изведат пресуда во своја корист, додека ние обичните смртници стоиме во место и попатно виновни сме заедно со нашиот менталитет за застојот во усовршување на демократското општество во усовршување на почитта и соживотот. Виновни сме што стоиме години наназад од нашите соседи и цела Европа.

Monday, December 26, 2011

Воспитанието - клучно во изградбата на личноста

Иако индивидуалноста на луѓето несомнено постои и не одредува кои сме низ патот на созревањето, сепак постојат фактори кои во одредена мера влијаат на тоа. Градењето на личноста е процес, кој е долготраен, односно, процес кој нема крај. Човекот своите мисли, ставови, начин на однесување, континуирано ги надоградува, менува. Во прилог ќе имате можност да прочитате текст во кој се зборува токму за оваа тема, која верувам се согласувате е доста важна, не само од општествена гледна точка, туку и од аспект на зреењето на луѓето и претворањето во морални, достоинствени и чесни индивидуи, кои не се склони на дискриминација, предрасуди и најразличен стереотипи. 
Како продолжеток на текстот кој пред неизвесно време го добивме од нашата верна читателка Клаудија Мановска, таа на доста разбирлив и едноставен начин ги посочува фактите кои се клучни и неоспорни - улогата на семејството, училиштето во воспитанието и самото градење на личноста, воопшто.



 Можеби во минатиот текст, не дадов некоја конкретна солуција за тоа како може да се излезе од кризата на вредностите и моралот (тоа беше темата на муабетот), меѓутоа, човекот учи исклучиво од сопствените грешки (само ако е свесен за истите), па, верувам нема да ми се повтори такво недефинирање на излезот од проблемот, односно препреката. 
Во последниов период, во главно, ми се врткаат некои исти мисли низ главата, кои се само една рефлексија на она што реално ми се случува во животот. 
Живееме во општество, свесни или несвесни за тоа колку истото влијае врз нас, луѓето. Со се што оди во пакет со него. Влијанијата не секогаш се позитивни, или подобро кажано, повеќето од нив се негативни во денешно време. Мора да имаме такви одбрамбени системи, кои не би дозволиле негативното да ни се пресели во нашите прилагодливи животи. Воспитанието е тема која треба детално да се разгледува...секогаш и постојано. Децата излегуваат од мајчината утроба, а со тоа започнува и нивниот процес на воспитание. Има една анегдота која вели дека докторот, кога дошле родителите да прашуваат од кога треба да почнат да го воспитуваат нивното тригодишно дете, рекол дека веќе доцнат 3 години. Ова само го користам како аргумент на претходно споменатото. Значи, изгледа дека навистина на воспитание се учиме уште од најмали. 
Воспитанието е сложен процес, а неговата цел е да ги изгради биолошки дадените индивидуи во педагошки зададени личности. Односно, битен е моментот на изградување, или, обликување на личноста. Треба да се усвојат некои навики и формираат уверувања со што личноста ќе биде способна да мисли со своја глава, да биде самоактивна, оригинална, да знае да вреднува, критички да зазема одредени стваови, да аргументира. Со други зборови, воспитанието треба да му овозможи и помогне на поединецот да може да живее, работи и дејствува самостојно во околината во која живее. И тука се поставува клучното прашање: Како да се тргнат најмалите од штетните, негативни влијанија кои доаѓаат од општеството? Многу едноставен е одговорот. Треба да се тргне од семејството. Семејството е средина со која најпрво се среќава малото дете. Комуникацијата со родителите и потесното семејство е токму она кое е појдовен елемент во формирањето на личноста. Родителите се тие кои треба да го штитат своето дете, не дозволувајќи да се појави некоја фалинка во воспитанието. Несомнено, мора да се стави посебен акцент на воспитувањето кое го даваат родителите, бидејќи подоцна, тоа ќе биде единствениот показател за личноста на детето. Од воспитанието кое детето го добило дома, ќе зависи дали тоа ќе дозволи да му влијаат ненамерните (негативни) влијанија од средината. Друго решение е училиштето. Училиштето е втора битна компонента во воспитувањето на децата. Предучилишното, исто така, заедно со воспитувачите. Тоа значи дека воспитувачите, учителите и наставниците играат значајна улога во животите на децата. Тие треба да го знаат тоа, и да се потрудат да ги учат децата на морални и етички вредности, кои би биле позитивни, се разбира. Од тука потекнува поврзаноста на воспитниот и образовниот процес. Покрај образувањето (на кое се придава поголемо значење), учениците треба да се воспитуваат. Тие најмногу време поминуваат во училиште и дома, додека се помали. И, сосема е разбирливо дека родителите и учителите треба да помогнат во целосното формирање на личноста. Кога детето ќе се воспита, мала е шансата да општествената средина негативно влијае врз него. 




Sunday, December 25, 2011

*****

Честит Божиќ на сите кои денес го слават Исусовото раѓање...Божиќната магија нека допре до Вашите срца и нека Ви донесе многу моменти исполнети со љубов и благосостојба...МКдемократија Ви посакува среќни Новогодишни и Божиќни празници!


Wednesday, December 21, 2011

Слобода и еднаквост

Можете ли да кажете кое од овие деца не е родено слободно...? Или еднакво...? Можете ли да кажете кое од овие деца не треба да биде третирано со почит и на достоинствен начин...? Не можеме ни ние...

Севернокорејска хистерична “идила“

Што е тоа што се случува во Северна Кореја? Сите бевме затечени кога по телевизииве почна да се дава хистеричното и масовно жалење на народот таму по својот “лидер“ откако се објави веста за неговата смрт. Тоа лидер го ставам во наводници, бидејќи, верувам ќе се сложите, за нив е лидер, но за нас “луѓето од 21-от век“, тој збор треба да биде диктатор.
Севернокорејците живеат потполно изолиран живот, живот во границите на Северна Кореја, без целосен пристап до интернет, користат само специјален интернет, се што успеваат да направат во животот, да студираат, да научат јазик плус, се е благодарение на великодушноста на нивниот лидер. Дозвола за користење на мобилни телефони добиле дури во 2008-та година и тоа ограничено користење, само во рамките на Северна Кореја.

Како и во секоја друга ситуација, така и во оваа има и такви кои се осмелуваат и истапуваат похрабро да дознаат што има надвор од Северна Кореја, што има во светот. Каква е нивната судбина никој не знае што претставува нормално поради целата таа затвореност на Северна Кореја, која и своите минимално неколку туристи ги води со строго определена агенда, исто како и агендата на својот народ. Се знае само за они кои успеваат да пребегнат во Јужна Кореја и притоа да не бидат откриени, дека им се потребни месеци поминати во специјални училишта за да научат како да живеат во 21-от век и останатото современо општество.
Луѓето од своето раѓање се учени на тој режим, се учени на тие правила, што доведува до тоа едноставно да живееш така без воопшто да се запрашаш дали има нешто друго. Па и со оглед на тоа дека не ни знаат што има надвор од границите на Северна Кореја, немаат ни од каде да дознаат, телевизиите, весниците, интернетот, целата нивна содржина е само Северна Кореја, нејзиниот лидер и нивните фирми и корпорации, целиот живот го поминуваат мислејќи дека државата е на работ на војна, а сигурноста и безбедноста ја обезбедува нивниот лидер, тогаш и ништо не е чудно. Е сега, жалењето, плачењето, паниката, хистеријата за неговата смрт, всушност претставува паника и страв за иднината? Нашиот лидер повеќе го нема, што ќе биде сега со нас? Ќе успее ли неговиот наследник да ја задржи стабилноста? Останува да си претпоставуваме, секој со своето размислување, страв ли е за иднината или пак навистина им бил премногу драг.

Sunday, December 18, 2011

Светска депресија

Тежнееме кон влезот во ЕУ, воведуваме промени во законодавството, иако повеќето се само на хартија, не и во реалноста, но сепак правиме чекори и тоа со една цел, влез во повисоко демократско општество. Веруваме дека тогаш сите наши проблеми ќе бидат решени и животот ќе ни стане идила... Што всушност знаеме ние за ЕУ и нејзините членки? Од каде таа мисла дека сите тие имаат совршено обработени политики, економии и ред други работи?

Вчера прочитав една статија во “Вест“, во која се пренесува колумната на Пол Кругман, колумнист во “Њујорк Тајмс“, во која тој моменталната економска криза ја нарекува депресија, а еврото како заедничка валута и неговата моментална состојба всушност доведува до раздор и се поголема оддалеченост на земјите членки во ЕУ. Кажува за поткопувањето на демократијата и нејзините институции во неколку земји од ЕУ, Финска каде антиимигрантската партија Вистински Финци има солидно гласачко тело, Австрија каде Партијата на слободата чиј што лидер имал контакти со неонацистите, стои рамо до рамо со останатите партии, Унгарија во која една од главните партии, Јобик е партија против Ромите, антисемитетска и има свој паравоен огранок, а вистинската закана доаѓа од владејачката Фидеш која лани освои мнозинство и протурка нов Устав со кој практично си се обезбедува за владеење без престан и бришење на опозиционите партии. Сите овие земји се добро ситуирани и Пол вели, замислете тогаш каква е ситуацијата во оние посиромашните.
Опаѓањето на јавната поддршка за демократијата, според Европската банка за реконструкција и развој, особено во новите членки на ЕУ, оние кои влегле по падот на Берлинскиот Ѕид, се должи на колапсите во економијата. Најголем пад на довербата има во оние земји во кои има најдрастичен економски колапс.

Светот полека и врти грб на демократијата и се прашувам каква ќе биде политиката доколку ваквите аспирации продолжат. Депресијата е во подем, а гледаме само некои старо - нови  решенија со кои би се спречило нејзиното ширење и би се нашол излез од лошата економска политика. Додека се лажеме едни со други, додека манипулираме едни со други, секој за своја корист, они кои владеат го прават истото, но нивните постапки влијаат на сите жители во една држава, знаеме ли каде ќе ни биде крајот? Веруваме во демократијата и правата на човекот, но ако поткопувањето на демократијата продолжи, непочитта, себичноста, дискриминацијата, ќе бидат најмали проблеми кои ќе треба да се решат.

Friday, December 16, 2011

Традицијата и менталитетот - изговор при кршењето на човековите права

Често се соочуваме со фактот дека традицијата во Македонија е многу важна работа и има примарно место кај речиси секое семејство. Со самото наше раѓање го впиваме воспитувањето и размислувањата од домашните, како што и тие впивале од нивните родители. Однапред се знае дека момче со долга коса е или зависник од наркотици или скитник или некоја друга сорта што не сакам да ја споменувам. Девојка која седи сама во кафуле и пие кафе притоа читајќи некоја книга е чудна. Сигурно нешто не е во ред со неа. Кој друг седи сам во кафуле?Тоа не е нормална појава. Човекот кој живее сам и по 30-тата година и нема жена во својот живот е сигурно хомосексуалец. Или и со него не е нешто во ред. Табиетот не му чини. Менталитетот ни го налага тоа. Традицијата не прифаќа такви „ испади “ Неприфатливо е цел живот да го посветиш на своето дете и еден ден да слушнеш како ти вели : „Мамо, јас ќе се откажам од факултетот. Едноставно не ме интересира истото што и тебе. “ Разочарување е доколку еден ден чуеш : „ Тато, јас немам девојка затоа што ме привлекуваат мажи. “ Или нешто од типот : „ Решив. Сакам да бидам музичар. Не сакам да бидам доктор, како вас. Ова е мој живот. “ Цел живот го поминавте размислувајќи што е најдобро за вашите деца и сега кога им го пружате најдоброто, тие сето тоа го отфрлаат. Неверојатно нели? Ова не се случува во традиционалните семејства, туку само кај оние распуштените. 



Традицијата е збир на обичаи, драги мои. Вредности кои народот ги чува и применува со генерации. Заедништво, нишка која не поврзува. Традицијата не е дискриминација. Традицијата не е непочитување на разликите. Мешање во туѓиот живот и негово креирање. Традицијата и менталитетот не се должни да критикуваат и судат, должни се да обединат. Тука се да не потсетат од каде сите доаѓаме, да не доближат до коренот, заеднички. Предрасудата ја нема и не треба да се манифестира преку традицијата. Во тој случај, таа(традицијата), се злоупотребува и користи за дискриминирачки цели и кршење на човековите права.  Тоа е она што треба да го научиме и постојано да го имаме на ум. Сите сме исти пред законот и пред Бога, но нашите души се различни. Секој е индивидуа сама за себе и има право да го живее животот на свој начин. Никој не мора да го разбере тој начин, но е должен да го почитува. Најдоброто за нас, е она што ние самите ќе го избереме, она што нас лично не прави среќни.


Што се однесува до родителските маки, сомневања, грижи и разочарувања, тие не би требало да постојат. Секој родител го мисли најдоброто за своето дете. Но, децата не се сопственост на родителите и секоја нивна постапка и одлука не е грешка на самите родители ако не ги исполнува нивните критериуми. Гледањето на децата како продолжетоци на родителите е неправедно, токму заради сопствената индивидуалност на децата.Секој има право да одлучува и живее според своите верувања и убедувања, без притоа да биде омаловажуван и осудуван заради истите. Во прилог би напишала неколку стихови кои комплетно би ја потенцирале поентата  на наведеното :

Вашите деца не се ваши деца.
Тие се синови и ќерки на животот што копнее по себе.
Тие постигнуваат, но не преку вас.
Иако се со вас, тие не ви припаѓаат.
Дајте им љубов, но не и вашите мисли, зашто имаат сопствени.
Можете да ги удомите нивните тела, но не и нивните души,
зашто тие престојуваат во куќата на иднината до која вие не можете 
да стигнете, дури ни во соништата.
Можете да се трудите да бидете како нив,
но не барајте тие да бидат како вас,
зашто животот не оди наназад, ниту пак стои.
Вие сте лакови од кои вашите деца, како живи стрели се отпуштаат во иднината.
Стрелецот го гледа знакот на патеката на вечноста,
и Тој ве свива со Својата моќ,
за да отиде неговата стрела брзо и далеку.
Вашето свивање во раката на стрелецот нека биде радост,
зашто иако, Тој ја сака стрелата што лета,
Го сака и лакот што е постојан.

(Калил Џибран) 

Човекови права во Македонија

Видеото е производ од тренингот за видео активизам, организиран од HOPS Опции за здрав живот (Скопје) и WITNESS (New York) наменет за членките на Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници и Мрежата за намачување на штети.
Погледнете како размислуваат Македонците...И заклучете сами, до каде сме со имплементирање и почитување на човековите права а богами, треба и да се запрашаме до кој степен е развиено дискриминирањето..?


Wednesday, December 14, 2011

Денеска нека биде промена - почнете од себе


  Дали сте денеска и вие тмурни како и времето? Кога велам времето, не мислам на годишново време тмурно, мислам на секојдневието тмурно со сите негови проблеми. Што велите на тоа денеска да заборавиме на се и да ги отвориме вратите на вербата, на добродушноста  која спие во секој од нас? Денеска заборавете на неплатената рата од кредитот на која денот и доаѓа и полека одминува а, вие се уште не сте ја подмириле, заборавете на напорниот шеф кој се уште не ви ја исплатил платата, заборавете на сметките кои чекаат да бидат платени. Заборавете на се она што не прави да бидеме себични и зајадливи и не тера да престанеме да веруваме во луѓето и да си помагаме....Денеска подарете една прегратка во ова време каде ништо не е бесплатно. Да, подарете прегратка, гушнете го силно тој до вас и поделете насмевка. Денеска бидете среќни што воопшто сте дел од овој прекрасен универзум. Долговите и проблемите никаде нема да одат и утре ќе бидат тука, нема да ве заборават. Епа денеска заборавете ги вие нив. Во знак на вербата, надежта, љубовта почитувајте го тој до вас и подарете му една прегратка. Денеска бидете среќни и славете го животот. На здравје!
Тоа би било добар почеток кон искоренување на лошите навики кои не прават ужасни сограѓани. Сакате убав ден? Подобро утре? Почнете од себе и почитувајте се себе и другите околу вас, сите до еден, без ниеден единствен исклучок!

Tuesday, December 13, 2011

МОФ - честитка за Меѓународниот ден на човекови права

МОФ (Младински образовен форум) е младинска граѓанска организација и повеќе од 12 години се залага и работи на вредностите како што се демократско општество, култура на дијалог и толеранција, владеење на правото и заштита на човековите права. 
На 10 декември по повод Меѓународниот ден на човековите права МОФ претставија видео со кое на граѓаните му го честитаа 10 декември и со тоа ја потенцираа важноста на овој ден и значењето на човековите права,слободата на изразување и демократијата воопшто.

Што е директна, а што репрезентативна демократија..?

Под директна демократија се подразбира систем во кој граѓаните одлучуваат за секоја поголема политичка одлука. Буквално, во овој вид демократија нема ниту посредници, ниту претставници. Често директната демократија е поврзана со помалите заедници.
Денес може да се забележи ограничен тип на директна демократија во некои од Швајцарските кантони и некои помали организации во Нова Англија. Тоа се всушност, заедници со помалку од 10 000 гласачи. 
Во модерните демократски општества, директната демократија се вклучува преку референдуми, иницијативи и повторни избори, затоа што директната демократија многу тешко функционира ако има големо гласачко тело.
Додека пак, репрезентативната демократија подразбира избор на владини претставници од страна на луѓето, кои потоа ги застапуваат нивните интереси, но не секогаш во согласност со нивните желби. За разлика од директната, тука постојат посредници, а она што ја поврзува со директната демократија е референдумот, кој претставува општа согласност на граѓаните.

Monday, December 12, 2011

Етничка омраза на спортските трибини - дополнително газење и непочитување на демократските начела

Ваквите тензии никако да престанат, а во последно време толку многу се експонирани, што по некоја претпоставка треба да доведе до нивно спречување. Единствено што е гледаме е разгореност од двете страни и изгледите се дека набрзо нема да престанат туку се повеќе ќе се разгоруваат. Која е причината за кулминирањето на овие настани се уште не се знае иако може да се претпостави: „Можат тие? Можеме и ние!“
Тежнееме кон соживот и развој на мултикултурно општество, а овие настани воопшто не ни одат во прилог, туку само дополнително ја усложнуваат ситуацијата која и така е многу лошо ситуирана.
Најтрагично е што никој не превзема мерки за ситуацијата да се стави под контрола, на крај спортот е место  и начин за релаксирање, а не за создавање на дополнителни фрустрации и зголемување на лошиот соживот.

Оваа вест можете да ја прочитате на следниот линк :

Saturday, December 10, 2011

Stand up for your rights, brothers and sisters!

10 декември - Голем Ден или уште едни незначајни 24 часа...?

   Да бидеме искрени, не сме биле запознаени со фактот дека 10 декември е меѓународен ден за одбележување на Универзалната Декларација за човекови права. Да признаеме, дека сме немале поим што, како, кога и зошто се случувало со таа Декларација а и не не интересирало. Да бидеме реални, не ни имаме доволно време да се разбудиме и да обрнеме внимание на почитување на таа Декларација, на применување на тие човекови права. Зошто најголемиот дел од времето живееме во заблуда, поттиснати од себичноста, која не дозволува да погледнеме околу нас. Постои една Ирска поговорка, која има посебен дел во мојата меморија, си стои на местото во дружина на сите оние нешта кои никогаш нема да го сретнат заборавот. Вели : ,, Одвои време да погледнеш околу себе, за себичноста, денот е прекраток. “
   Знаејќи дека малите нешта го исполнуваат човекот и имајќи го в предвид сознанието дека во ова време во кое сега живееме, има толку многу можности и шанси, постојано копнееме по нешто повеќе и повеќе. Никогаш не е доволно. Од тоа ли е составена човековата природа? Од толку примитивни и земски потреби и задоволувања? Никогаш нема да поверувам во тоа. Никогаш нема да се помирам со тоа.
   10 декември. Да. Навистина е голем ден. Ден кога ќе го славиме меѓусебното почитување, толерирање, простувањето, љубовта. Ден кога ќе се одбележи тој голем чекор во историјата на човештвото, денот кога глобално се потенцира човековото заедништво, слогата, хармонијата, денот кога се решава да се прекине дискирминацијата, предрасудите. Ден кога сите ќе ги гледаме со исти очи. Бајка, зар не?
   За крај, уште само нешто. Колку сакам секој ден да е 10 декември.


Сведок на ужасот од нашата “демократија“


  Вчера, за прв пат во мојот живот, имав можност да бидам сведок на ужас. Полициска марица го пресече патот на едно такси. Од марицата излегоа двајца полицајци се стрчаа кон таксито, од внатре извлекоа едно младо момче, почнаа брутално да го маваат со што стигнат, клоци, пендреци...Во продолжение од близина пристигнаа уште двајца нивни колеги кои се нафрлија да им помогнат, и они да удрат, и они се луѓе. Од неколкуте собрани се појави еден похрабар од сите, им се спротивстави и тргна да му помогне на момчето, а беше пречекан со прашањето: -„Што е? Да не сакаш и ти ќотек? Момчето не го препознав кое е, се уште не успеав да дознаам кое било, на местото имаше уште десетина до дваесет луѓе кои исто така видоа што се случува, а местото каде се ова се случи е најфреквентното во тоа време од ноќта, во петок навечер. Незнам што направило момчето, но така ли треба да постапува нашата полиција? Мислам ваков настан имаше знаеме сите кој нели, тој заврши трагично, па и не ни е прв пат да видиме вакво нешто. Македонија е демократска држава? Ваква ли е демократијата? Полицијата е тука, да ги сопре проблемите, полицијата е тука да ги сопре тепачките. Кој што и да направил, ќе биде притворен, ќе биде суден, ќе биде осуден, а не тепан од полицијата. Кој им дава такво право? Не, Македонија не е демократска држава, Македонија е полициска држава, Македонија е држава каде владее насилство од страна на оние кои треба да воведат ред и мир.

Светски ден на Човековите права

  Денеска е светскиот ден на човековите права. На денешниот датум е донесена Универзалната декларација на човековите права во 1948 и оттогаш па навака сите држави ја имплементираат оваа пишана верзија на човековите права во своите домашни закони. 
Во продолжение ве потсетувам на нашата поодмината статија (Универзална декларација за човекови права) во која се напишани сите слободи и права на човекот кои ги содржи оваа декларација, а вие сами видете до каде сме со нивното имплементирање во реалноста 63 години покасно...



Friday, December 9, 2011

Време да се сопре манипулацијата и узурпирањето на личноста

  Почнав да размислувам на многу теми неделава. Мислите ги свртев 360 пати, 360 теми, и уште 360 други се и сешто работи. Тргнав од едно, се префлив на друго, завршив со трето, никогаш не успевам да дојдам до конечен заклучок, што повторно мислата ме наведува на тоа дека за се има неколку страни, неколку вистини. 

Кога ќе разгледаме, доколку не интересира се разбира, по интернет да разбараме, за демократијата имаме секакви размислувања, секакви толкувања, кои почнуваат и од дилемата, дали постои или не демократијата. Јас би рекла постои, но во онаа верзија во која најмногу му одговара на тој што ја спроведува, како власта на пример. Демократско е се она што им пружа доволно демократија на високите функционери и она кое најмногу ќе им донесе профит на нив самите, а не на народот кој ги избра. Значи, ќе заклучиме дека демократијата како таква каква што е претставена во учебниците, не постои!! Демократија, по најнова дефиниција, претставува она што ти сакаш да претставува - навистина постои, или ќе те увериме дека постои, а всушност не постои - се разбираме нели??
Добро, тоа ајде и да го прифатиме, нека биде така, мислам што да правиме, не сме ние на власт нели, но што е со нашата слобода, што е со нашето право на сопствен живот, со нашето право на избор што да правам со себе и со мојот живот, никој ама баш никој не смее да ми каже како да живеам, ниту пак власта која е таму затоа што јас сум ја поставила таму. И по некоја логика, јас те ставив, ќе правиш онака јас како сакам, или пак јас и ќе те симнам од таму. Притоа под ставката „јас“ не мислам на мене, туку мислам на сите вас кои сте излегле слободно на избор и сте гласале кој да ви ги регулира правата. Значи да ги регулира, а не да ги узурпира. Да, ги узурпира, затоа што толку слепо се следи нечива политика, што и самиот верува дека неговата пропаст е всушност неговиот успех. Тоа на нашки се нарекува МАНИПУЛАЦИЈА. Да, и сега додека го читате ова, доколку има некој што го чита, ќе речете, е како да не, не сум јас толкава будала. Точно, никој не е толкава будала, но нечивата моќ е толку голема, што да те изманипулира е многу ситна работа, толку ситна што не ја приметуваш, и кога некој ќе ти ја покаже, не му веруваш, ама воопшто не му веруваш и му кажуваш дека тој е будала. 

Е, додека ние меѓу себе се викаме будали, некој горе ја искористува нашата глупавост и си ужива и прави што сака. Тогаш нема никаква потреба да си кажуваме дека имаме некакви права, дека ова е демократија и дека јас слободно си живеам како сакам, бидејќи тие наши права некој друг одамна ги поседува, а на нас, во оваа ситуација ни останува да го задржиме правото да бидеме уште поголеми будали од тоа што сме. 
Имајте убави дни се до денот кога ќе се свеснеме да си ги земеме нашите права назад!

Wednesday, December 7, 2011

Слобода на избор!

   До вчера, морам да признаам, мислев дека кога ќе „ пораснам “, ќе ја имам можноста да одберам што точно сакам да постигнам во животот, на професионален и на приватен план. Ќе ја поседувам таа слобода да го изберам она што мене најмногу ми лежи и за што имам потенцијал. АМА! Не било така. Изгледа слободата на избор не е на моето мени! Блазе им на тие што го чувствуваат вкусот на таа преубава гозба! Иако по сѐ изгледа дека малкумина ја уживаат таа привилегија.

   По некојси непишан закон, кога ќе се родиш овде конкректно кај нас, судбината ти е предодредена. Се знае дека ти мора да бидеш со сите петки на училиште ако и твоите родители и 90 проценти од фамилијата биле одлични ученици; мора да се запишеш на некој „елитен“ и „тежок“ факултет (со исклучоци било каков, може и приватен или било што да не се мачи мајкин/мајкина) и заграда на заградата (имало и поделба на лесни и тешки и елитни и безвезни факултети?!?) ; потоа се знае – штом го завршиш факултетот веднаш работа баааап или нешто со некаква врска и ургенција или преку некоја партија – сам не дај Боже да одлучиш. И ти би требало само да климаш и да го потврдуваш тоа што ти е сервирано.
   Дете, дај оди прашај ваму, оди прашај таму, јави се кај овој, дај ќе се јавиме кај оној! Дај ќе го прашаме од тетка ти свекорот, па од куќниот негов пријател синот го знаеш? Да, го знам. Еее па жената негова работи ваму и ваму и дрн дрн дрн бла бла бла....!!!
   Индивидуалната слобода се крати долу уште од коренот. Навидум знаеле што е најдобро за нас. Секој човек знае што е најдобро за себе, тоа и го избира, а ако тој избор не се совпаѓа со најдоброто од другите уште поубаво. Зошто личноста е уникат, единствен примерок – копија њет! Лицемерно е во секој случај да се промовираат човекови права и демократско општество (кое претставува големо семејство создадено од поголема бројка на граѓани), кога ни најтесното семејство, во тој мал круг на блиски луѓе не се почитува и применува правото на слобода и правото на избор. Што да очекуваме тогаш од целокупното општество, од големото сeмејство...?
   Зарем дојде време кога не е ни важно што имаме да кажеме и што мислиме? Колку што имам познавања а и верувам, дека секој човек е предводник на сопствениот живот. Секој, ама баш секој, има право да размислува на свој индивидуален начин, да се облекува како сака, да другарува со кого сака, да учи за тоа што тој/таа сака, да го работи она што го сака, да го пружи на светот она што тој/таа сака, со други зборови, кратко, јасно и едноставно – ДА ИМА ПРАВО НА СВОЈ ИЗБОР!

Tuesday, December 6, 2011

Еднакви и Слободни

   Сите ние сме родени еднакви и слободни...Сите го вдишуваме истиот воздух, некои повеќе загаден, некои помалку, но сепак истиот....Сите сакаме да бидеме среќни, слободни, на сите ни треба истата љубов, на сите ни треба истата храна, истата вода за да го преживееме денот....Тогаш има ли некој одговор на прашањето која е целта да не се почитуваме, да се мразиме, да се повредуваме, да уништуваме се наоколу? Нели сите сакаме подобро утре, здрав живот, здрава планета...За да биде здрава планетата најпрво треба ние да бидеме здрави...Почни со промена и тоа со промена на самиот себе...Немој тоа да го правиш за никого, направи го за себе и за твоите деца за кои сигурна сум дека сакаш да имаат праведен и достоен живот. Суровата околина тоа само ќе им го ускрати и ќе добијат загорчен живот полн со тешкотии....Не го сакаме тоа нели?

Monday, December 5, 2011

Интересно и чудно...

Погледнете го ова „ контроверзно “ видео, со кое се објаснува во кратки црти како е замислен системот во САД и како всушност, демократијата е сфатена од познати „ големи луѓе “ како Бенџамин Френклин, Томас Џеферсон и сл...За некои демократијата претставува состојба кон која сите се стремат, додека некои и немаат баш позитивно мислење за истата...

Sunday, December 4, 2011

Што би било кога би било...?

Кога би се нарекувале браќа и сестри, темнината одамна ќе ги напуштеше нашите срца. Кога би ги почитувале разликите, а би не зближувале сличностите, сонцето немаше да го изгуби сопствениот сјај. Кога не би размислувале што носи утрешниот ден и би живееле сега, во овој момент, за нас времето немаше да постои. Кога би се потрудиле да нурнеме подлабоко во нашите души, тогаш годините би биле само обична бројка. Младоста ќе тропнеше на секоја врата. Духот во нас ќе ја зачуваше онаа енергија, онаа сила што ја поседуваат само „најголемите“. Деновите би поминувале во неизмерна смеа, која одѕвонува во далечините како милозвучна композиција, досега нечуена.
            Кога би ги избришале од нашиот речник зборовите алчност, себичност, моќ, лицемерие, расипништво и ги замениме со љубов, вера и надеж, тогаш крајот не би го ни очекувале, зошто нема ни да дојде. Кога светот би го гледале со други очи, од кои блика искреност и топлина, само за момент, би сфатиле дека фасцинантна сила не обединува, во една толку силна, нераскинлива нишка.


            Што би било кога моите зборови би значеле нешто? Кога оние, ранливите, слабите, би ја добиле помошта која очајно им треба? Кога ќе можам и сакам, да подадам рака во секое време? Зошто добрината се гради и одржува постојано, а и срцето го исполнува со неизмерна љубов и спокој.
Грешките се препреките, кои како црна чума следат, и го демнат секој ваш чекор. Но волјата е таа што ќе ве избави од вртлозите на лагите и испреплетените патишта на искушенијата. Научените лекции никогаш не се забораваат, а и направените гревови се искупуваат. Трнлив е тој пат, но вреди да се изоди.
Простувањето не е дарба на добрите, простувањето е дел од битието. Да се сака, пак, е човечка способност, а да се биде сакан е привилегија.



Што се тоа човекови права?

Проследете ги одговорите на анкетираните во видеото..Колку ли е комплицирано прашањето...???


Thursday, December 1, 2011

Предрасудите - дел од денешното време на непочитување

Демократското општество во себе ги брои ли и предрасудите? Ускратени ли ни се правата доколку сме во група на луѓе која живее со некоја од тие предрасуди?
Живееме во модерно изградени држави во кои сите се подеднакво прифатени, барем навидум се прифатени, но сепак уште многу ни преостанува да учиме и многу работи да искорениме за тоа навидум да премине во вистина.
Денеска е светски ден за борба против СИДА - та. Што мислите прифатени ли се луѓето кои боледуваат од оваа болест или пак сме далеку од тоа? Информирани сме доволно за да знаеме дека вирусот не се пренесува со физички контакт, но сепак носителите на вирусот се изолирани од општеството и не добиваат редовна терапија медицинска грижа со која непречено ќе можат да го живеат својот живот.
Нашето општество се уште им робува на предрасудите, а СИДА - та е само една од нив. 

Wednesday, November 30, 2011

Р Е А Л Н О С Т - Газење на човековите права, одбивање на демократијата

 Постојат страни кои работат за ова да се спречи, организации, репортажи, еве една таква во прилог, но сепак насилството врз човекот и неговите права се уште трае.....


Нивните сознанија за тоа колку на големо се кршат човековите права во голем број на земји се застрашувачки.
Убиствата и исчезнувањата во Мексико во борбите помеѓу нарко картелите, возможно е никој да не може да го спречи тоа, воопшто, постоењето на нарко картели....
Во Сирија, протести за смена на режимот, 587 цивили се убиени од страна на режимот на Башар Ал - Асад, извршени силувања од страна на Сирските безбедносни сили. Постојат 110 интервјуа и сведоштва од тамошното население....
Кина, политика на едно дете, вршење на присилен абортус врз онаа жена која ќе ја прекрши таа политика, абортуси во поодмината бременост, има и смртни случаи во текот на тој процес. Тортура врз работниците во рудници, кои имаат смени од 12 па и до 18 часа дневно, добиваат закани врз својот живот доколку одбијат да бидат послушни...
Во секоја држава има големо кршење на човековите права, кое не само што не се спречува, туку и самите држави го поддржуваат и ги “учат“ своите граѓани дека така е правилно....Милиони животи се изгубени, милиони луѓе сеуште се робови во своја сопствена кожа, без право на глас, без право на живот...

Tuesday, November 29, 2011

Сликовита Универзална декларација за човекови права



Која е госпоѓата во чии раце е Универзалната декларација за човекови права?


Споделете го вашето мислење...коментирајте...

УНИВЕРЗАЛНА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА


Универзалната декларација за човекови права е донесена на 10 декември 1948 година, од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации, во палатата Шејот, Париз. Декларацијата е составена од 30 члена, елаборирани во меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони. До појава на декларацијата довеле лошите искуства од Втората светска војна и е првото изразување и изјаснување на права кои ги имаат сите човечки суштества, на глобално ниво.
Интересен податок е што на тогашното гласање за донесување на декларацијата немало ниту еден глас против, 48 биле за, а 8 воздржани меѓу кои и тогашна Југославија!
Всушност, оваа декларација е од големо значење за сите народи во светот, како доказ за универзално признавање, почитување и применување на сите човекови права. Еднакви правила за сите без разлика на верска, национална, етничка, расна припадност. Така, Универзалната декларација претставува и основа за сѐ повеќе меѓународни договори, државни закони и регионални, национални и субнационални институции коишто ги штитат и промовираат човековите права. Секоја година на 10 декември се одбележува Денот на човековите права или уште се нарекува Меѓународен ден на човековите права, со значајна меѓународна комеморација.

Во продолжение прикажани се неколку члена од декларацијата :

Член 1
Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност.
Член 2
Сите права и слободи наведени во оваа Декларација им припаѓаат на сите луѓе, без оглед на нивните разлики, како што се : раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или општествено потекло, сопственост, раѓање, или друг статус.
Член 3
Секој има право на живот, слобода и сигурност.
Член 4
Никој нема да биде роб или потчинет; ропството и трговијата со робови ќе бидат забранети во сите нивни форми.
Член 5
Никој нема да биде подложен на тортура или на суров, нехуман или понижувачки третман или казна.

Што мислите? Дали доволно се почитуваат човековите права и слободи во денешно време и конкретно во Македонија? Коментирајте...

Sunday, November 27, 2011

- Скрши ја тишината -

Што застарено, што нарачано

    Толку од демократијата и од правото на јавност и информираност во демократската земја. Не ми е јасно ја градиме или ја поткопуваме демократијата? Некои работи како да се доста измешани, демократија е народот да владее или да се владее со народот, народот да биде известен за да може да одлучи по прашања кои се во негов интерес или немора ништо да знае, нека си гласа и нека си трае. Седницава за политички прашања даде одговори на повеќето од горенаведените прашања. Седница наменета за пратенички прашања, прашања кои служат јавноста да се информира за причините поради кои е некоја одлука донесена, притоа прашањата треба да бидат директни и јасни, а на ист таков начин и да се даде одговор - директно и јасно, без заобиколувања.  
Според севкупниот изглед на седницата, единствено што ни се разјасни е дека ништо не ни е јасно. Јасно е само дека препукувањата се сеуште во тренд, и наместо прашања и одговори, ние слушаме -„А што е со вас тогаш и тогаш....“ или повратно -„Е, што ние тогаш, а вие кога направивте она и она.....“, мислам дека јасно ни е на сите кој што направил, и јасно ни е дека тоа од минатото таму и треба да се остане, дај да се фокусираме на иднината. 
Прашањата од опозицијата беа застарени, што до сега милион пати ги повториле и на прес конференции, и на редовни седници, одговори за нив се има дадено, какви такви никакви, сепак на оваа седницава, специјална за прашања и одговори, си повторивме се, во случај да не заборавиме, дека всушност оние кои луѓево ги донесоа во парламент и ги ставија на тие позиции, не треба ништо да знаат, баш ништо.
Прашањата од членовите на владејачката партија, по правило секогаш се договорени и нарачани, нема потреба да се дискутира за нив, мислам тоа во ред е, они треба да кажат што е позитивното во нивната работа, а овие од опозицијата, да го кажат она што не чини, па ние сами да си одлучиме до каде сме. Е за таков систем малку ќе почекаме. Освен што сите знаеме дека прашањата им се договорени, па овој пат имаме и доказ, слика од „Фокус“, но не се дигна некоја голема фама околу тоа, ништо страшно, тоа е нормална работа, така функционираме ние.
Нека си продолжат да си работат така како што сакаат, нека си носат одлуки така како што сакаат, а кога ќе дојде време за избори, ние ќе кажеме што сакаме и кој сакаме да одлучува за нашата иднина и верувам изборот нема воопшто да биде различен, се истите луѓе, се истите партии, епа тогаш како да очекуваме нешто да се смени, кога ни луѓето не се сменети?

Thursday, November 24, 2011

Обезбедувањето на основните права по малку заборавено

  Борбата за почитувањето на основните, природни права на човекот, право на живот, право на слобода и право на сопственост, се чини дека одамна е завршена. Во останатите земји да, барем овие основниве се загарантирани и исполнети од страна на државата, бидејќи нели затоа и е создадена државата, за да ги регулира овие основни права на секој човек.

Во Македонија, последниве години, криминалот е дојден до загрижувачко ниво, а за причина се наведува сиромаштијата и исполнувањето на основните потреби за живот. Па и кога ќе размислиме има логика. Човекот е битие кое во својата природа е способно да се навикне на се, и да успее да излезе на крај со било која ситуација, несвесно избирајќи го полесниот начин. Се оддава на криминал, кражби, а тие колку и да се “ситни“, во одреден момент излегуваат од контрола па и доаѓа до поголеми трагедии. Се само за да се опстане во ова сурово општество, а посебно суровото македонско општество, каде државата, било кој и да ја води, не ги регулира потребите на граѓаните туку единствено и само единствено своите потреби.

Дали ние тоа одиме назад? Се враќаме ли на времето кога од почеток треба да се учиме што е добро, а што лошо? Бидејќи, како што се проценува, сиромаштијата проследена заедно со губењето на моралните вредности е главната причина за непочитувањето на туѓото. Моралните  вредности се толку изменети што мислам дека треба да седнеме и повторно да ги учиме, бидејќи не само што се сменети, туку и оние вистинските се целосно заборавени.
Додека ние тука полемизираме во празно, оној кој треба да направи нешто воопшто не полемизира на оваа тема и тоа исполнето од глава па до пети - државата!!! Сега и таа треба од ново да учи што и е функцијата и на неа и на луѓето што ја водат, но подобро од некаде да почнеме затоа што криминалот расте, а државата и подброто утре се намалува. Секој гледа само од каде да извлече за да може да го закрпи месецот, за да обезбеди достоен живот за себе и за своето семејство, притоа не загледувајќи по кого се гази за да дојде до задоволно ниво во својот живот. Така било и во најраното општество, се додека на еден не му текнало да ги обедини сите и тој да владее за да ги регулира тие меѓучовечки односи, за да престанат луѓето да си ги газат секој на секого правата кои мора да ги имаат. Дошло до кулминација и тука застанале, е во Македонија решиле да завртат круг, сега пак си ги газиме едни на други правата со една разлика - имаме владетели, но не за да не доведат во ред туку за уште повеќе меѓусебно да не разлутат.

„ Wall Street ‟ издание на антидемократија!

По сѐ изгледа дека двомесечните демонстрации на Американците се приближуваат до степен на ескалација. Полициската бруталност ги преминува сите граници, а најтрагичен е фактот што ваквиот однос и случувања доаѓаат од токму „најдемократската“ земја во светот – Америка. Баш тоа е причината што овие луѓе го покажаа своето незадоволство од лицемерието на Американската политика, која не само што ширум светот дели правда и се меша во одлуките за иднината на туѓи држави, туку и во јадрото на својот народ ги пропагира истите „вредности“, а го прави спротивното. Со тоа ја загрозува стабилноста на општеството, а и недовербата и гневот кај граѓаните се повеќе расте.Инаку движењето се одвива под мотото „ Окупирај го Вол Стри “ и тоа несомнено се случува. Не само во Њу Јорк, туку и во останатите градови од САД, а поддршка демонстрантите добиваат и од Европа. Полицијата се обидува да ги спречи со преземање на мерки, па така во изминатиот период се уапсени преку 200 луѓе, меѓутоа мерките на полицијата се вон секаква контрола и граница на нормално.


Поголема социјална правда, слобода на изразување, еднаквост за сите, ожувување и развивање на демократскиот дух е основата на демонстрациите на Вол Стрит. Цврсто зад тоа стојат илјадниците протестанти кои велат : „Тие можат да ги апсат луѓето, но не можат да ја уапсат идејата“. „ Одиме на Блискиот Исток и таму божем ја шириме демократијата, а нашата влада ја гуши демократијата овде. Колку е тоа лицемерно ? – е прашањето што секој од нив го поставува.

Со примена на бруталноста од страна на полицијата се прекршуваат човековите права на слободно изразување и право на мирен протест и борба против неправдата. Се омаловажува правото што секој го поседува, да се изјасни и бунтува против неправилностите во општеството на мирен начин, и сето тоа заради општо добро. Непочитување на привилегијата да се биде индивидуа со сопствено мислење, притоа злоупотребувајќи ја позицијата што самиот народ ја пружа на одредени личности на врвот. Токму народот е причината што тие личности се на врвот и се одбрани за предводници на стадото, кое откако ги донело на врвот, не добива право и можност да го искаже своето мислење. Но, токму оние што ве носат на врвот и ќе ве натераат повторно да го допрете дното.
Промена на моменталниот систем е желбата на овие луѓе, кои се обидуваат на секој можен начин да испратат порака до светот, да бидат слушнати, да допрат до свеста на останатите, чии мозоци се испрани, кои се изманипулирани од оние на врвот и не ја согледуваат вистината. А таа е дека во ова модерно време, кое нуди толку можности, време на промени, откритија и револуции, ова е најважната. Револуцијата на народот кој со сета сила се обидува да создаде историски момент, момент кога работите ќе дојдат на свое место, време кога народот ќе ја преземе власта во свои раце, време кога секој ќе има право да го искаже своето мислење, без притоа да биде осуден заради истото, време на еднаквост, рамноправност и слога. Време на ДЕМОКРАТИЈА и почитување на ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА!





Еднакви права за сите - ДЕМОКРАТИЈА

Wednesday, November 23, 2011

Македонското “демократско“ општество

  Македонија, земја во која владее демократијата, само на хартија, не и во реалноста. Она што ја сочинува демократијата се повеќе компоненти кои не во целост, но сепак до некој степен мора да се застапени во општеството. Епа Македонија е општество за кое би рекла дека тој степен е на најниско ниво, не дека во другите држави е нешто поразвиена, но сепак ќе се задржиме на нашата прекрасна Македонија.
Слобода, правда, одговорност, јавност, интегрираност, плурализам, толеранција, рамноправност, мислам дека се доволно.
  Македонија е слободна држава, но дали навистина сме ние слободни во неа, ќе речеме дека е релативно бидејќи секој си ја живее слободата во своите граници, онаква каква тој самиот смета дека му е потребна. Сепак, можете ли да кажете се што сакате, се што чувствувате, се што мислите, а притоа да не размислите кој ќе се осврне на тоа и притоа каков поглед ќе фрли на вас? Значи и не сме баш целосно слободни, а тоа би било поради недостигот на толеранција, сите си ги гледаме своите потреби и своите вистини и толку сме затворени во тој круг што не сакаме да им погледнеме на другите во очи а притоа да не ги осудиме поради нивната различна вистина од нашата. Толеранцијата би рекла е една од оние работи кои и воопшто не дошле до некој степен на развиток. Епа тогаш од каде тоа дека сме демократско општество кога основниот елемент воопшто и не постои.
Плурализам, не помалку важен сегмент, општеството е мултиетничко, значи плурално, различна вера, различна нација, различна култура. Потребна е толеранцијата и интегрираноста (еден за друг, едниот е еднаков на другиот, еднаков на сите, никој не е над другиот) за да можеме да го прифатиме соседот кој има друга вера и други обичаи како што и мојата култура е различна од неговата. Мислам дека и воопшто нема потреба да дискутирам за оние истите според вера, култура, но сепак со друга определба - хомосексуалците, бидејќи за нив пак воопшто не постои толеранцијата, тие во старт се избришани и протерани.
Правда и јавност, сегменти кои незнам каде да ги сместам, кој степен на развиеност да им го дадам, за да не испадне дека всушност нашето демократско општество воопшто не е демократско. Судството и владеењето на правото е толку многу политизирано, толку многу селективно што сегментот на јавност, односно слободни медиуми и слободно информирање, ќе го ставиме во еден ист кош, политизирано и селективно. Медиумите едно време се делеа на информативни, забавни, бизнис - економија, спорт...денес се делат на владин и опозиционен медиум. Мислам дека треба и професорите да ја сменат оваа поделба, да ја внесат во книгите за да не се лажат студентите повеќе кои тргнуваат со големи амбиции и илузии, да бидат информирани за оваа најнова новост и еволуција во македонското новинарство. Јавноста во нашето демократско општество повеќе наликува на она социјалното, медиумите даваат само известувања за она што оди напред, за она што е на добро ниво, па и тоа по малку филувано.
Вака е само тука, или и остатокот од светот е во голема заблуда? Постои ли демократија воопшто или е тоа еден начин да се излаже будалиот? Животот ти е прекрасен, само уште незнаеш!