Search This Blog

Wednesday, December 7, 2011

Слобода на избор!

   До вчера, морам да признаам, мислев дека кога ќе „ пораснам “, ќе ја имам можноста да одберам што точно сакам да постигнам во животот, на професионален и на приватен план. Ќе ја поседувам таа слобода да го изберам она што мене најмногу ми лежи и за што имам потенцијал. АМА! Не било така. Изгледа слободата на избор не е на моето мени! Блазе им на тие што го чувствуваат вкусот на таа преубава гозба! Иако по сѐ изгледа дека малкумина ја уживаат таа привилегија.

   По некојси непишан закон, кога ќе се родиш овде конкректно кај нас, судбината ти е предодредена. Се знае дека ти мора да бидеш со сите петки на училиште ако и твоите родители и 90 проценти од фамилијата биле одлични ученици; мора да се запишеш на некој „елитен“ и „тежок“ факултет (со исклучоци било каков, може и приватен или било што да не се мачи мајкин/мајкина) и заграда на заградата (имало и поделба на лесни и тешки и елитни и безвезни факултети?!?) ; потоа се знае – штом го завршиш факултетот веднаш работа баааап или нешто со некаква врска и ургенција или преку некоја партија – сам не дај Боже да одлучиш. И ти би требало само да климаш и да го потврдуваш тоа што ти е сервирано.
   Дете, дај оди прашај ваму, оди прашај таму, јави се кај овој, дај ќе се јавиме кај оној! Дај ќе го прашаме од тетка ти свекорот, па од куќниот негов пријател синот го знаеш? Да, го знам. Еее па жената негова работи ваму и ваму и дрн дрн дрн бла бла бла....!!!
   Индивидуалната слобода се крати долу уште од коренот. Навидум знаеле што е најдобро за нас. Секој човек знае што е најдобро за себе, тоа и го избира, а ако тој избор не се совпаѓа со најдоброто од другите уште поубаво. Зошто личноста е уникат, единствен примерок – копија њет! Лицемерно е во секој случај да се промовираат човекови права и демократско општество (кое претставува големо семејство создадено од поголема бројка на граѓани), кога ни најтесното семејство, во тој мал круг на блиски луѓе не се почитува и применува правото на слобода и правото на избор. Што да очекуваме тогаш од целокупното општество, од големото сeмејство...?
   Зарем дојде време кога не е ни важно што имаме да кажеме и што мислиме? Колку што имам познавања а и верувам, дека секој човек е предводник на сопствениот живот. Секој, ама баш секој, има право да размислува на свој индивидуален начин, да се облекува како сака, да другарува со кого сака, да учи за тоа што тој/таа сака, да го работи она што го сака, да го пружи на светот она што тој/таа сака, со други зборови, кратко, јасно и едноставно – ДА ИМА ПРАВО НА СВОЈ ИЗБОР!

No comments:

Post a Comment