Search This Blog

Sunday, December 18, 2011

Светска депресија

Тежнееме кон влезот во ЕУ, воведуваме промени во законодавството, иако повеќето се само на хартија, не и во реалноста, но сепак правиме чекори и тоа со една цел, влез во повисоко демократско општество. Веруваме дека тогаш сите наши проблеми ќе бидат решени и животот ќе ни стане идила... Што всушност знаеме ние за ЕУ и нејзините членки? Од каде таа мисла дека сите тие имаат совршено обработени политики, економии и ред други работи?

Вчера прочитав една статија во “Вест“, во која се пренесува колумната на Пол Кругман, колумнист во “Њујорк Тајмс“, во која тој моменталната економска криза ја нарекува депресија, а еврото како заедничка валута и неговата моментална состојба всушност доведува до раздор и се поголема оддалеченост на земјите членки во ЕУ. Кажува за поткопувањето на демократијата и нејзините институции во неколку земји од ЕУ, Финска каде антиимигрантската партија Вистински Финци има солидно гласачко тело, Австрија каде Партијата на слободата чиј што лидер имал контакти со неонацистите, стои рамо до рамо со останатите партии, Унгарија во која една од главните партии, Јобик е партија против Ромите, антисемитетска и има свој паравоен огранок, а вистинската закана доаѓа од владејачката Фидеш која лани освои мнозинство и протурка нов Устав со кој практично си се обезбедува за владеење без престан и бришење на опозиционите партии. Сите овие земји се добро ситуирани и Пол вели, замислете тогаш каква е ситуацијата во оние посиромашните.
Опаѓањето на јавната поддршка за демократијата, според Европската банка за реконструкција и развој, особено во новите членки на ЕУ, оние кои влегле по падот на Берлинскиот Ѕид, се должи на колапсите во економијата. Најголем пад на довербата има во оние земји во кои има најдрастичен економски колапс.

Светот полека и врти грб на демократијата и се прашувам каква ќе биде политиката доколку ваквите аспирации продолжат. Депресијата е во подем, а гледаме само некои старо - нови  решенија со кои би се спречило нејзиното ширење и би се нашол излез од лошата економска политика. Додека се лажеме едни со други, додека манипулираме едни со други, секој за своја корист, они кои владеат го прават истото, но нивните постапки влијаат на сите жители во една држава, знаеме ли каде ќе ни биде крајот? Веруваме во демократијата и правата на човекот, но ако поткопувањето на демократијата продолжи, непочитта, себичноста, дискриминацијата, ќе бидат најмали проблеми кои ќе треба да се решат.

No comments:

Post a Comment