Search This Blog

Wednesday, November 30, 2011

Р Е А Л Н О С Т - Газење на човековите права, одбивање на демократијата

 Постојат страни кои работат за ова да се спречи, организации, репортажи, еве една таква во прилог, но сепак насилството врз човекот и неговите права се уште трае.....


Нивните сознанија за тоа колку на големо се кршат човековите права во голем број на земји се застрашувачки.
Убиствата и исчезнувањата во Мексико во борбите помеѓу нарко картелите, возможно е никој да не може да го спречи тоа, воопшто, постоењето на нарко картели....
Во Сирија, протести за смена на режимот, 587 цивили се убиени од страна на режимот на Башар Ал - Асад, извршени силувања од страна на Сирските безбедносни сили. Постојат 110 интервјуа и сведоштва од тамошното население....
Кина, политика на едно дете, вршење на присилен абортус врз онаа жена која ќе ја прекрши таа политика, абортуси во поодмината бременост, има и смртни случаи во текот на тој процес. Тортура врз работниците во рудници, кои имаат смени од 12 па и до 18 часа дневно, добиваат закани врз својот живот доколку одбијат да бидат послушни...
Во секоја држава има големо кршење на човековите права, кое не само што не се спречува, туку и самите држави го поддржуваат и ги “учат“ своите граѓани дека така е правилно....Милиони животи се изгубени, милиони луѓе сеуште се робови во своја сопствена кожа, без право на глас, без право на живот...

Tuesday, November 29, 2011

Сликовита Универзална декларација за човекови права



Која е госпоѓата во чии раце е Универзалната декларација за човекови права?


Споделете го вашето мислење...коментирајте...

УНИВЕРЗАЛНА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА


Универзалната декларација за човекови права е донесена на 10 декември 1948 година, од страна на Генералното собрание на Обединетите Нации, во палатата Шејот, Париз. Декларацијата е составена од 30 члена, елаборирани во меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони. До појава на декларацијата довеле лошите искуства од Втората светска војна и е првото изразување и изјаснување на права кои ги имаат сите човечки суштества, на глобално ниво.
Интересен податок е што на тогашното гласање за донесување на декларацијата немало ниту еден глас против, 48 биле за, а 8 воздржани меѓу кои и тогашна Југославија!
Всушност, оваа декларација е од големо значење за сите народи во светот, како доказ за универзално признавање, почитување и применување на сите човекови права. Еднакви правила за сите без разлика на верска, национална, етничка, расна припадност. Така, Универзалната декларација претставува и основа за сѐ повеќе меѓународни договори, државни закони и регионални, национални и субнационални институции коишто ги штитат и промовираат човековите права. Секоја година на 10 декември се одбележува Денот на човековите права или уште се нарекува Меѓународен ден на човековите права, со значајна меѓународна комеморација.

Во продолжение прикажани се неколку члена од декларацијата :

Член 1
Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност.
Член 2
Сите права и слободи наведени во оваа Декларација им припаѓаат на сите луѓе, без оглед на нивните разлики, како што се : раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или општествено потекло, сопственост, раѓање, или друг статус.
Член 3
Секој има право на живот, слобода и сигурност.
Член 4
Никој нема да биде роб или потчинет; ропството и трговијата со робови ќе бидат забранети во сите нивни форми.
Член 5
Никој нема да биде подложен на тортура или на суров, нехуман или понижувачки третман или казна.

Што мислите? Дали доволно се почитуваат човековите права и слободи во денешно време и конкретно во Македонија? Коментирајте...

Sunday, November 27, 2011

- Скрши ја тишината -

Што застарено, што нарачано

    Толку од демократијата и од правото на јавност и информираност во демократската земја. Не ми е јасно ја градиме или ја поткопуваме демократијата? Некои работи како да се доста измешани, демократија е народот да владее или да се владее со народот, народот да биде известен за да може да одлучи по прашања кои се во негов интерес или немора ништо да знае, нека си гласа и нека си трае. Седницава за политички прашања даде одговори на повеќето од горенаведените прашања. Седница наменета за пратенички прашања, прашања кои служат јавноста да се информира за причините поради кои е некоја одлука донесена, притоа прашањата треба да бидат директни и јасни, а на ист таков начин и да се даде одговор - директно и јасно, без заобиколувања.  
Според севкупниот изглед на седницата, единствено што ни се разјасни е дека ништо не ни е јасно. Јасно е само дека препукувањата се сеуште во тренд, и наместо прашања и одговори, ние слушаме -„А што е со вас тогаш и тогаш....“ или повратно -„Е, што ние тогаш, а вие кога направивте она и она.....“, мислам дека јасно ни е на сите кој што направил, и јасно ни е дека тоа од минатото таму и треба да се остане, дај да се фокусираме на иднината. 
Прашањата од опозицијата беа застарени, што до сега милион пати ги повториле и на прес конференции, и на редовни седници, одговори за нив се има дадено, какви такви никакви, сепак на оваа седницава, специјална за прашања и одговори, си повторивме се, во случај да не заборавиме, дека всушност оние кои луѓево ги донесоа во парламент и ги ставија на тие позиции, не треба ништо да знаат, баш ништо.
Прашањата од членовите на владејачката партија, по правило секогаш се договорени и нарачани, нема потреба да се дискутира за нив, мислам тоа во ред е, они треба да кажат што е позитивното во нивната работа, а овие од опозицијата, да го кажат она што не чини, па ние сами да си одлучиме до каде сме. Е за таков систем малку ќе почекаме. Освен што сите знаеме дека прашањата им се договорени, па овој пат имаме и доказ, слика од „Фокус“, но не се дигна некоја голема фама околу тоа, ништо страшно, тоа е нормална работа, така функционираме ние.
Нека си продолжат да си работат така како што сакаат, нека си носат одлуки така како што сакаат, а кога ќе дојде време за избори, ние ќе кажеме што сакаме и кој сакаме да одлучува за нашата иднина и верувам изборот нема воопшто да биде различен, се истите луѓе, се истите партии, епа тогаш како да очекуваме нешто да се смени, кога ни луѓето не се сменети?

Thursday, November 24, 2011

Обезбедувањето на основните права по малку заборавено

  Борбата за почитувањето на основните, природни права на човекот, право на живот, право на слобода и право на сопственост, се чини дека одамна е завршена. Во останатите земји да, барем овие основниве се загарантирани и исполнети од страна на државата, бидејќи нели затоа и е создадена државата, за да ги регулира овие основни права на секој човек.

Во Македонија, последниве години, криминалот е дојден до загрижувачко ниво, а за причина се наведува сиромаштијата и исполнувањето на основните потреби за живот. Па и кога ќе размислиме има логика. Човекот е битие кое во својата природа е способно да се навикне на се, и да успее да излезе на крај со било која ситуација, несвесно избирајќи го полесниот начин. Се оддава на криминал, кражби, а тие колку и да се “ситни“, во одреден момент излегуваат од контрола па и доаѓа до поголеми трагедии. Се само за да се опстане во ова сурово општество, а посебно суровото македонско општество, каде државата, било кој и да ја води, не ги регулира потребите на граѓаните туку единствено и само единствено своите потреби.

Дали ние тоа одиме назад? Се враќаме ли на времето кога од почеток треба да се учиме што е добро, а што лошо? Бидејќи, како што се проценува, сиромаштијата проследена заедно со губењето на моралните вредности е главната причина за непочитувањето на туѓото. Моралните  вредности се толку изменети што мислам дека треба да седнеме и повторно да ги учиме, бидејќи не само што се сменети, туку и оние вистинските се целосно заборавени.
Додека ние тука полемизираме во празно, оној кој треба да направи нешто воопшто не полемизира на оваа тема и тоа исполнето од глава па до пети - државата!!! Сега и таа треба од ново да учи што и е функцијата и на неа и на луѓето што ја водат, но подобро од некаде да почнеме затоа што криминалот расте, а државата и подброто утре се намалува. Секој гледа само од каде да извлече за да може да го закрпи месецот, за да обезбеди достоен живот за себе и за своето семејство, притоа не загледувајќи по кого се гази за да дојде до задоволно ниво во својот живот. Така било и во најраното општество, се додека на еден не му текнало да ги обедини сите и тој да владее за да ги регулира тие меѓучовечки односи, за да престанат луѓето да си ги газат секој на секого правата кои мора да ги имаат. Дошло до кулминација и тука застанале, е во Македонија решиле да завртат круг, сега пак си ги газиме едни на други правата со една разлика - имаме владетели, но не за да не доведат во ред туку за уште повеќе меѓусебно да не разлутат.

„ Wall Street ‟ издание на антидемократија!

По сѐ изгледа дека двомесечните демонстрации на Американците се приближуваат до степен на ескалација. Полициската бруталност ги преминува сите граници, а најтрагичен е фактот што ваквиот однос и случувања доаѓаат од токму „најдемократската“ земја во светот – Америка. Баш тоа е причината што овие луѓе го покажаа своето незадоволство од лицемерието на Американската политика, која не само што ширум светот дели правда и се меша во одлуките за иднината на туѓи држави, туку и во јадрото на својот народ ги пропагира истите „вредности“, а го прави спротивното. Со тоа ја загрозува стабилноста на општеството, а и недовербата и гневот кај граѓаните се повеќе расте.Инаку движењето се одвива под мотото „ Окупирај го Вол Стри “ и тоа несомнено се случува. Не само во Њу Јорк, туку и во останатите градови од САД, а поддршка демонстрантите добиваат и од Европа. Полицијата се обидува да ги спречи со преземање на мерки, па така во изминатиот период се уапсени преку 200 луѓе, меѓутоа мерките на полицијата се вон секаква контрола и граница на нормално.


Поголема социјална правда, слобода на изразување, еднаквост за сите, ожувување и развивање на демократскиот дух е основата на демонстрациите на Вол Стрит. Цврсто зад тоа стојат илјадниците протестанти кои велат : „Тие можат да ги апсат луѓето, но не можат да ја уапсат идејата“. „ Одиме на Блискиот Исток и таму божем ја шириме демократијата, а нашата влада ја гуши демократијата овде. Колку е тоа лицемерно ? – е прашањето што секој од нив го поставува.

Со примена на бруталноста од страна на полицијата се прекршуваат човековите права на слободно изразување и право на мирен протест и борба против неправдата. Се омаловажува правото што секој го поседува, да се изјасни и бунтува против неправилностите во општеството на мирен начин, и сето тоа заради општо добро. Непочитување на привилегијата да се биде индивидуа со сопствено мислење, притоа злоупотребувајќи ја позицијата што самиот народ ја пружа на одредени личности на врвот. Токму народот е причината што тие личности се на врвот и се одбрани за предводници на стадото, кое откако ги донело на врвот, не добива право и можност да го искаже своето мислење. Но, токму оние што ве носат на врвот и ќе ве натераат повторно да го допрете дното.
Промена на моменталниот систем е желбата на овие луѓе, кои се обидуваат на секој можен начин да испратат порака до светот, да бидат слушнати, да допрат до свеста на останатите, чии мозоци се испрани, кои се изманипулирани од оние на врвот и не ја согледуваат вистината. А таа е дека во ова модерно време, кое нуди толку можности, време на промени, откритија и револуции, ова е најважната. Револуцијата на народот кој со сета сила се обидува да создаде историски момент, момент кога работите ќе дојдат на свое место, време кога народот ќе ја преземе власта во свои раце, време кога секој ќе има право да го искаже своето мислење, без притоа да биде осуден заради истото, време на еднаквост, рамноправност и слога. Време на ДЕМОКРАТИЈА и почитување на ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА!





Еднакви права за сите - ДЕМОКРАТИЈА

Wednesday, November 23, 2011

Македонското “демократско“ општество

  Македонија, земја во која владее демократијата, само на хартија, не и во реалноста. Она што ја сочинува демократијата се повеќе компоненти кои не во целост, но сепак до некој степен мора да се застапени во општеството. Епа Македонија е општество за кое би рекла дека тој степен е на најниско ниво, не дека во другите држави е нешто поразвиена, но сепак ќе се задржиме на нашата прекрасна Македонија.
Слобода, правда, одговорност, јавност, интегрираност, плурализам, толеранција, рамноправност, мислам дека се доволно.
  Македонија е слободна држава, но дали навистина сме ние слободни во неа, ќе речеме дека е релативно бидејќи секој си ја живее слободата во своите граници, онаква каква тој самиот смета дека му е потребна. Сепак, можете ли да кажете се што сакате, се што чувствувате, се што мислите, а притоа да не размислите кој ќе се осврне на тоа и притоа каков поглед ќе фрли на вас? Значи и не сме баш целосно слободни, а тоа би било поради недостигот на толеранција, сите си ги гледаме своите потреби и своите вистини и толку сме затворени во тој круг што не сакаме да им погледнеме на другите во очи а притоа да не ги осудиме поради нивната различна вистина од нашата. Толеранцијата би рекла е една од оние работи кои и воопшто не дошле до некој степен на развиток. Епа тогаш од каде тоа дека сме демократско општество кога основниот елемент воопшто и не постои.
Плурализам, не помалку важен сегмент, општеството е мултиетничко, значи плурално, различна вера, различна нација, различна култура. Потребна е толеранцијата и интегрираноста (еден за друг, едниот е еднаков на другиот, еднаков на сите, никој не е над другиот) за да можеме да го прифатиме соседот кој има друга вера и други обичаи како што и мојата култура е различна од неговата. Мислам дека и воопшто нема потреба да дискутирам за оние истите според вера, култура, но сепак со друга определба - хомосексуалците, бидејќи за нив пак воопшто не постои толеранцијата, тие во старт се избришани и протерани.
Правда и јавност, сегменти кои незнам каде да ги сместам, кој степен на развиеност да им го дадам, за да не испадне дека всушност нашето демократско општество воопшто не е демократско. Судството и владеењето на правото е толку многу политизирано, толку многу селективно што сегментот на јавност, односно слободни медиуми и слободно информирање, ќе го ставиме во еден ист кош, политизирано и селективно. Медиумите едно време се делеа на информативни, забавни, бизнис - економија, спорт...денес се делат на владин и опозиционен медиум. Мислам дека треба и професорите да ја сменат оваа поделба, да ја внесат во книгите за да не се лажат студентите повеќе кои тргнуваат со големи амбиции и илузии, да бидат информирани за оваа најнова новост и еволуција во македонското новинарство. Јавноста во нашето демократско општество повеќе наликува на она социјалното, медиумите даваат само известувања за она што оди напред, за она што е на добро ниво, па и тоа по малку филувано.
Вака е само тука, или и остатокот од светот е во голема заблуда? Постои ли демократија воопшто или е тоа еден начин да се излаже будалиот? Животот ти е прекрасен, само уште незнаеш!

Малку демократски хумор

Одличните К-15, на хумористичен начин ја прикажуваат реалната слика за демократијата во Македонија.

Демократија - поим и суштина

„ Сите човекови суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинството и правата. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност “ - Член 1 од Универзалната декларација за човекови права

     Демократијата, како поим кој потекнува од двата грчки збора „демос“ – што значи народ, и „кратос“ – што значи владеење, претставува облик на власт  која му припаѓа на народот, односно, самата држава чија основа е демократијата е уредена со слободен изборен систем. Всушност, кај ваквиот облик на владеење, сите државни одлуки се спроведуваат директно или индиректно од страна на мнозинството на жителите во државата, преку праведен и фер изборен процес.
    Кога сево ова би било застапено во конкретна држава, таа би се нарекувала демократска, а денес тој епитет го имаат повеќето од земјите во светот. Овој облик на владеење е актуелен и е системот кон кој се стремат речиси сите држави. Како модерен систем на владеење, кој им овозможува рамноправност на граѓаните и слобода на изразување, наидува на позитивни мислења од страна на многу експерти, а исто така и од страна на граѓаните. Можностите кои ги нуди развиената демократија, се несомнено одлика на едно модерно, развиено и еднакво општество.

Под темели на демократијата се подразбираат :

§  сувереност на народот
§  власт заснована врз согласноста на владеаните
§  владеење на мнозинството
§  права на малцинствата
§  гаранции за основните човекови права
§  слободни и праведни избори
§  еднаквост пред законот
§  соодветна законска постапка
§  уставни ограничувања на власта
§  општествен, економски и политички плурализам
§  вредности на толеранција, прагматизам, соработка и компромис