Search This Blog

Sunday, January 29, 2012

Вреднување на личноста - реалност или фикција?

Често се запрашуваме дали некој ја забележува нашата внатрешност, или пак суди само по обвивката. Она што, сакале или не, е изнесено на виделина. И во многу наврати, се двоумиме дали воопшто да ја презентираме таа наша внатрешност и да го отвориме срцето на останатите. Тука стравот игра голема улога. Што ако ме повредат? Што ако згрешам? Овие размислувања и те како повеќе ја погодуваат женската популација, што е доста нормално. Сето тоа произлегува како реакција на односот кој жените го добиваат во општеството, особено од мажите.
Велат дека оние кои зрачат со надворешна убавина и пленат со својот изглед полесно го поминуваат тешкиот процес наречен живот. Се разбира, сите сакаат постојано да гледаат убавини пред своите очи. Но, каде е она другото, невидливото, каде е внатрешноста, она што не одредува кои сме и не дефинира како личности? Таа уникатност и индивидуалност за која не постои никаква копија. Особините поради кои ќе добиеш почитување и вреднување од другите.
Особено внимание мора да се посвети на женскиот пол. Жените од секогаш биле поранлива група, за разлика од мажите. На нивна страна се препишуваат нежноста, емоциите, елегантноста. Мажите, пак, се оние силните, издржливите, ловците. Меѓутоа, се избегнува третирањето на жените од страна на мажите, кое произлегува токму од таа физичка надмоќ која мажите ја поседуваат над жените (иако постојат исклучоци). Најчесто, жената е гледана само како објект кој би ги задоволил сексуалните фантазии на мажот. Тоа се одразува и на професионален план, а и на приватен. Не се вложува премногу труд за да се запознае она што е под надворешната убавина, не се двои дел од времето да се увиди внатрешноста на жената и сето она што таа има да го понуди на светот. Поголема е придобивката ако покрај себе имаш интелигентна, амбициозна и чесна жена, отколку убавица која нема дефинирана цел во животот и служи само за забава. Несомнено е дека и жените се борци, исто толку големи како и мажите и би требало да се третираат еднакво како и мажите, особено во овие модерни времиња. Можеби сето ова изгледа доста феминистичко но еве ја и другата страна од приказната.
Најтрагично е тоа што голем дел од жените и ова го сметаат за нерелевантно, односно, им одговара таквиот третман од страна на мажите. Ги прави да се чувствуваат убави, заводливи, посакувани. Го задржуваат мислењето дека на тој начин ќе постигнат многу повеќе и ќе го добијат она што го сакаат полесно, отколку со труд и упорност. Најверојатно не сфаќаат дека тоа е минлива работа и кратко трае. Ничиви очи не се задоволуваат само од една убавина. Алчното човечко око секогаш бара уште. Она што останува е цврстиот карактер кој се крие под таа витка става и заводлива насмевка. Особини со кои се освојува нечие срце, а не се предизвикува само моментална возбуденост и копнеж.


Во секој случај, почитувањето на личноста како одредена индивидуа, секако спаѓа во човековите права, од проста причина што со самата изградба на човекот како личност, неговото достоинство е дефинитивно составен, па и најважен дел од неговото битие. Со тоа, потребно е да се почитува неговото мислење, начин на изразување и целокупен израз на неговата личност.



No comments:

Post a Comment