Search This Blog

Thursday, January 5, 2012

Демократија или не? Прашање е сега!


Што да очекуваме во Новата 2012 година? Многумина најавуваат апокалиптични изданија, ширејќи глобална паника, други пак, ги одбиваат таквите сценарија со голема доза на сарказам и иронија. Најверојатно можеме само да се согласиме дека ова е време на промени, а 2012-та нема да биде исклучок. Несомнено се случија драстични настани во изминатата година, носејќи последици на глобално ниво. За жал, факт е дека тие настани се одразија негативно на целокупната светска сцена. Немири, кризи, бунтови – тоа се спомените од периодот што измина.
Конкретно кај нас, 2011-та година беше одбележана со историското 4-то место на Р. Македонија на Европското првенство во кошарка. Таа неизмерна радост, сигурно има примарно место меѓу останатите спомени кај сите Македонци. Добро е тоа што ваквите емоции комплетно не обземаа во тој период, па заборавивме за момент на сите други проблеми и маки. На страна го оставивме макотрпниот процес на развој на здраво демократско општество, почитувањето на човековите права и вредности, спорот со името и сѐ останато што ја мачи оваа нација. Гордоста, радоста, заедништвото, повторно затропаа на нашите порти.


Но, дали ова ќе ја избрише бруталноста од страна на полицијата што ја воочивме во неколку наврати? Дали тоа заедништво ќе продолжи и понатаму да ни дава сила да се бориме и да ги надминеме сите препреки? Или сето тоа ќе исчезне кога товарот од сите проблеми ќе тежи сѐ повеќе и повеќе...Изгледа дека слогата и хармонијата, кај нас владее за кратко време, само во еуфоричната фаза. Каде се кога е „ густо “ и кога најмногу се потребни? Дали и тогаш ќе се поддржуваме и почитуваме или пак, ќе се делиме на партии, верска, етничка, полова припадност и какви уште не разлики. Ќе знаеме ли да се соочиме со сите предизвици и тешки времиња заедно, исто како што ги споделуваме и убавите моменти?


Што ќе донесе иднината не можеме со сигурност да знаеме. Но, време е да сфатиме колку сме исти и колку можеме да постигнеме, ако сме здружени и меѓусебно се почитуваме. Да ја оставиме демократијата во политичка смисла и да се концентрираме на демократијата од чисто човечки аспект. Применувањето на моралните, етичките и духовните вредности е нешто што ни е многу потребно, а дефинитивно недостасува. Толеранцијата, дискриминацијата, некогаш мора да престанат. Ако навистина следува време на промени, тогаш тие промени нека бидат на подобро. Тие промени нека не обединуваат, поставувајќи основа за здраво општество, во кое не владее страв од сето она што го носи иднината.

No comments:

Post a Comment