Search This Blog

Wednesday, January 18, 2012

„ Основа на правдата е силната верба! – Цицерон “

Кај што има сила нема правдина. Така вели една стара поговорка. Но дали е вистинита? Многумина ќе помислат дека залуден е обидот да се побие оваа констатација, но можеби ќе успееме да извлечеме еден друг поглед во однос на таа толку посакувана, а ретко застапена правда.


Емоциите кои сите не совладуваат во моменти кога ни е нанесена неправда, често не принудуваат да завршиме со борбата. А тоа дефинитивно е она што најмногу не кочи да воведеме било какви позитивни промени во светот во којшто живееме. Се плашиме дека цената која треба да ја платиме притоа е доста висока. Што значи, борбата за правда по цена да се изгубат дел, или пак, сите оние работи кои ни значат во животот, не доведува до заклучокот дека сета таа пожртвуваност не вреди во таков случај. Тоа е всушност, силата, моќта на оние кои бескрупулозно би одзеле нешто кое вреди цело богатство на другите, а за нив е само уште еден начин да се докаже супериорноста врз останатите. Тоа се оние кои правдата ја применуваат како средство за задоволување на сопствените потреби, во сопствена корист, односно, од себични причини. На тој начин, го одбиваат фактот дека таквото однесување е чин на неморалност, алчност, омаловажување и нефер третман на другите. Не наведувајќи конкретни примери, сите знаеме за што станува збор. Голем дел од сите нас, во одредени ситуации во животот сме ја искусиле оваа појава. Сме го почуствувале горчливиот вкус на неправдата.
Меѓутоа, никако да признаеме дека стравот е оној кој најчесто владее со нас во таквите моменти. Помислата дека можно е да изгубиме некого или нешто што толку многу ни значи е сама по себе застрашувачка. Така престанува борбата за применување на правдата. Борбата за фер плеј. Со храброста и волјата се поместуваат планини. Само треба да веруваме во тоа. Решителноста е клучна во целиот тој процес. Само треба да сакаме. Упорноста, трудот и постојаното обидување, на крајот сигурно ќе резултираат со успех. Ако постои поговорка дека кај што има сила нема правдина, тогаш постои и поговорка која вели дека упорноста се исплатува. Сето она што има непроценлива вредност како што е правдата, никогаш нема да исчезне. Сепак, во борбата на доброто против злото, од секогаш победувало доброто. Впрочем, тоа е и причината зошто овој свет сеуште постои. Хаосот кој го предизвикува злото, не би го дозволил тоа, ако работите стоеја поинаку.


Затоа, не е лошо оптимизмот да владее постојано со нас. Позитивната енергија и тоа како би помогнала да го постигнеме она за кое се бориме, а тоа е светла иднина за сите нас. Задоволување на сите оние кои се жедни за правда. Иако патот до таму е трнлив и тежок, сепак вечната желба и безграничната верба, можат да го постигнат и невозможното.

No comments:

Post a Comment