Search This Blog

Thursday, January 12, 2012

Поинаков поглед - поголема почит - посреќен живот

Ова што сега имам да го кажам, на прв поглед ја избегнува темата за која сме тука, но можеби постои и друг начин да се долови сликата за демократија, сликата за почитување на човековите права. Овој друг начин звучи подобро, и звучи многу поблиску до луѓето, отколку зборот демократија, за кој мислам дека повеќе прави да се оддалечиме отколку да се доближиме до неговата суштина.
Се поголема е веројатноста дека денеска во вашата околина ќе има повеќе намуртени, себични луѓе кои единствено се грижат за својата лична корист. Стоиме и се чудиме каде отиде светот, каде отидоа добрите, насмеани лица спремни да помогнат во секој момент. 
Сте се запрашале ли какви сте биле во вашето детство? Толку сме биле радосни, среќни и безгрижни, воопшто не сме помислувале на лоши работи. Сте се запрашале ли зошто е тоа така? Најлесниот одговор е, тие се деца. Најубаво е да бидеш дете бидејќи не се грижиш за ништо друго освен за другарчињата од маало кои те чекаат да играте игри. Сами си го наметнуваме тој одговор, несвесно оправдувајќи се самите себе, оправдувајќи ја намуртеноста на нашето лице со муабетот дека имаме премногу грижи и обврски за да ставиме насмевка и одбереме меѓусебна помош. 
Додека се лажеме себеси и другите околу нас го занемаруваме фактот дека всушност самите си ги наметнуваме тие размислување и ги оставаме позади нас детската безгрижност и насмевката. Многу е веројатно дека додека сме биле деца, возрасните не натерале да си внесеме во глава дека таквиот однос ќе потрае уште неколку години и потоа ќе го снема. Тие со нивната бездушност, непочит, не тераат да ги прифатиме тие “вистини“ и ние, и да заборавиме дека всушност не се работи за тоа дали си дете или си возрасен туку се работи за почит, се работи за меѓусебно помагање, се работи за љубезност и да, тие не се детски работи кои треба да останат во детството. Тоа се работи кои со годините треба да ги усовршиме, а не да ги напуштиме и безволно да се предадеме на суровоста на животот кој не е ништо повеќе суров од она што ние го правиме да биде. Се сами си правиме, а се други ни се криви. Тоа што вчера некој ти се развикал без потреба, тоа што вчера некој ти напакостил, а ти ништо не си му згрешил, не е баш така. Тоа е кармата на животот. Завчера ти на некого си му наштетил и не си свесен за тоа бидејќи ја вртиме главата на страна за да не видиме кој стои пред нас додека итаме кон целта. Така е со сите нас, некој на тебе, ти на некој друг, па некој друг пак на тебе. Се вртиме во круг наместо да се свртиме во детството, да ги земеме заборавените позитивни вибрации и да продолжиме по патот на среќниот живот. 
Можеби и философирам повеќе од што е потребно, но убавиот живот на почит, среќа, љубезност, помагање, нема да дојде со стоење во место и чекање. Тргни од себе и направи чекор кон подобра иднина за себе и за твоите најмили кои допрва треба да пристигнат на овој свет. 
Додека одиме по пат со трње, заслужуваме широки и добродушни насмевки, упорност нешто да се смени, упорност нешто да се постигне за самиот себе кое подоцна води кон подобар свет и поголемо добро од кое никој ама баш никој нема да биде поштеден. Вербата и широко отвореното срце ќе не одведе до светот на меѓусебната почит и сфаќањето на другиот како рамноправен на мене.

No comments:

Post a Comment