Search This Blog

Monday, March 5, 2012

Серијата „Тензично општество“ репризно, секој ден!

Колку и да сакаме да ја избегнеме реалната слика за секојдневието, за случувањата околу нас, невозможно е. Иако ми е тешко да го разберам овој, за мене, феномен, сепак е присутен и тоа како. Многу  малку недостасува за сите да ги извадиме на виделина сите скриени чувства, за жал, непријатни. Чувства на очај, омраза, незадоволство, нечовечност. Никако со ладна глава да ги согледаме работите и да почнеме да размислуваме какви последици може да ни донесе начинот на кој се однесуваме меѓу себе.
Од настаните што се случија во изминатиот период, единствено може да се заклучи дека сите ние живееме во заблуда. Се лажеме дека градиме соживот и дека постои кохезија во општеството, а воопшто не се ни трудиме тоа да го постигнеме. Како да чекаме во сенка, само една мала провокација, за таа да резултира со масовна ерупција на огорчени чувства. Зошто баш во тие моменти постои сплотеност во нивното изразување?Од каде се раѓа таа желба на неконтролирано интерпретирање на лоши мисли, ставови и одбивност?
Кога сите би се ослободиле од политичките притисоци, манипулации и разно разни влијанија кои постојано ни ја трујат душата со емоции кои би требало да бидат непознати за нас, ситуацијата би била поинаква. Кога би успеале стравот да го неутрализираме со пристојно и култивизирано меѓучовечко однесување, би можеле да се слушнеме едни со други, и слободно би го изразувале сопственото мислење, без притоа да се плашиме дека ќе бидеме осудувани и понижувани заради истото.
Време е дијалогот да ја заземе потребната улога во ова општество, каде што зборот ќе биде средството со кое ќе се разбираме и ќе споделуваме пријатни мисли, чувства на пријателство и коректни односи. Време е да ставиме крај на горенаведената серија, репризите само продолжуваат да не хранат со омраза и горчина, а тоа сигурно нема да резултира со позитивен исход. Време е оваа серија да заврши со среќен крај ;-)


No comments:

Post a Comment