Search This Blog

Sunday, April 1, 2012

Пролетно чистење

            Ах, сите со нетрпение го очекуваме пролетното чистење. Таман се запролети и гледаш килими обесени на сите страни, маркетите подготвиле акции две во едно за средствата за чистење и сите се среќни и задоволни. Подруго е кога мириса на исчистено, зар не? Арно ама, времето ни залади..И сега што понатаму? Останавте нигде никаде. Не можете да ги бришете прозорите, ќе смрзнат, оти и снегот како да сака повторно да ни дојде на гости. Ако ништо друго, би можеле да организираме едно поразлично пролетно чистење, од она на кое сме навикнати. Би почнале вака :
            Најпрвин, би требало да ја исчистиме огромната количина на вештачка интелигенција која ни се сервира секојдневно, во голема доза и тоа доста самоуверено. Некако во последно време, имам чувство дека голем, ако не и преголем број од луѓето во нашево општество, добија огромен раст на IQ-то, т.е. коефициентот за интелигенција одеднаш скокна горе горе во височините. И токму од таа причина, вишокот на интелигинција, или поедноставно кажано, памет, што гореспоменатите го имаат, почнаа да го делат и на нас, обичните смртници. За тоа, се разбира, сме неверојатно многу благодарни, што ете, нивната великодушност едноставно нема граници и решија таа дарба која ја поседуваат да ја споделат и со нас. Всушност, една работа никако да ми се разјасни. Толку многу паметни и способни луѓе, а состојбата во која се наоѓаме – капут! Или не знаеме да го искористиме тој непресушен извор на човечка интелигенција кој го имаме или пак, тој воопшто не постои!
            Потоа, таа желба за моќ, што несомнено, ја согледуваме се почесто, и тоа како треба да се избрише, прво со влажна крпа, потоа со сува и на крај да се светне со политура. За жал, не може секој да е сопственик на мазна и убава фотелја и сметка со енормна цифра на доларес, еврос и сличнос. Кога зборувам за моќ, подрзбирам пари и обратно. Порано моќта имаше различна дефиниција од сегашната, ама пак затоа, како што напредуваме и се равиваме, наоѓаме и многу поедноставни дефиниции, се со цел да не се мачиме, па така моќ = пари и точка.


            Следни на листата се себичноста, алчноста, лицемерието и се разбира омразата и гневот кои постепено го загадуваат нашиот ум, а и нашите срца. Па ние не можеме ни една реченица да составиме, а таа да не содржи говор на омраза и погрдни зборови кои ни ја трујат душата. Поделбата ни стана најдобар пријател и сопатник. Разликите станаа поважни од сличностите. Половината се засплепени, а останатата половина збунети. Згора на се, и времето се збуни – од високи температури и пролетно расположение, претчувствувам дека утре откако ќе се разбудам ќе може да започнам со создавањето на Снешко The Great, или Воинот на снег, на кој длабоко му се извинувам, бидејќи оваа зима не остварив средба со истоимениот, т.е. тој не оствари средба со Креаторот,Создавателот, уште познат и како ЈАС.


            За сето ова кое ни се случува потребна е генералка, чистка, односно, тотална дезинфекција. Гомила од бактерии го напаѓа нашиов организам, наречен општество, а ние за жал, ништо не преземаме, како и да не е наша грижа. Како сето ова да не не засега. Иако одбиваме да признаеме дека целата состојба е наша одговорност, целиот тек на настаните, некогаш, тоа ќе ни го покаже. Затоа што, ние сме тие кои одлучуваме, ние имаме право на избор, ние треба да се запрашаме што се случува, ние треба да ги решиме проблемите, да изградиме здрава средина, заснована на хармонија, почитување, толеранција, мир. Да ги удриме темелите на правдата, слогата, љубовта.
            Затоа, крпите во раце и на работа, на труд ! 


No comments:

Post a Comment