Search This Blog

Wednesday, December 28, 2011

Судството застојува - недовербата расте

Кога разговараме за градење на демократско општество во една држава всушност разговараме за градење на држава во која секој има право да го ужива она што му е загарантирано со уставот и законот на таа држава, а тие загарантирани права се без граници. Кога некој ќе ускрати нечие право, постои институција во која тоа ќе биде доведено во ред, судството и нејзините овластувања и органи. 
Почитувањето на правата на другиот е едно од основните принципи за се да функционира како што треба, но и тие кога по некоја случајност ќе бидат прекршени, одговорниот треба да се казни. Одговорноста кај нас претставува мислена именка, прво од оние кои со неа владеат, па се до обичните граѓани кои се одлучуваат на затскривање со закани и заплашувања. 
Оние кои ќе одлучат да тужат и да ја бараат правдата во институциите наменети за тоа трошат време, пари, нерви, а многу ретко добиваат судска разрешница и притоа таа да биде праведна. Тужениот ја обжалува одлулката донесена после долги години, предметот повторно се враќа во постапка отпочеток и оној кој бара правда веќе и ќе заборави за што всушност се бори.
Големи случаи на организиран криминал стојат неразрешени и често завршуваат со отфрлање на обвинението. Еве неколку од таквите случаи кои стојат во место: (http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=84D986A4E677E84D801A8A2266694782

Кога ќе се разгледаат сите овие податоци, ќе се дојде во ситуација и воопшто да се запрашаш дали вреди да се проаѓа низ таа агонија за на крај да не се добие ништо. Ќе си дадеш одговор дека не вреди, ќе го отфрлиш судството и ќе носиш правда на свој начин. И утре кога на кафе со пријателите ќе разговараме на тема каква е состојбата во нашата држава, лесно ќе кажеме дека луѓето не чинат и ќе ја префрлиме вината на менталитетот што не сме научени цивилизирано да ги решаваме проблемите. Не е баш така. Човекот гледа телевизија, чита весници, а често и сам проаѓа низ тие лавиринти и едноставно губи доверба во институциите. Не им верува. Е тука сега ќе ја побиеме вината на менталитетот, вината е кај институциите и нивната одговорност, за која погоре напоменавме дека не постои. Вината е во корумпираноста и моќта на големите кои успеваат да изведат пресуда во своја корист, додека ние обичните смртници стоиме во место и попатно виновни сме заедно со нашиот менталитет за застојот во усовршување на демократското општество во усовршување на почитта и соживотот. Виновни сме што стоиме години наназад од нашите соседи и цела Европа.

Monday, December 26, 2011

Воспитанието - клучно во изградбата на личноста

Иако индивидуалноста на луѓето несомнено постои и не одредува кои сме низ патот на созревањето, сепак постојат фактори кои во одредена мера влијаат на тоа. Градењето на личноста е процес, кој е долготраен, односно, процес кој нема крај. Човекот своите мисли, ставови, начин на однесување, континуирано ги надоградува, менува. Во прилог ќе имате можност да прочитате текст во кој се зборува токму за оваа тема, која верувам се согласувате е доста важна, не само од општествена гледна точка, туку и од аспект на зреењето на луѓето и претворањето во морални, достоинствени и чесни индивидуи, кои не се склони на дискриминација, предрасуди и најразличен стереотипи. 
Како продолжеток на текстот кој пред неизвесно време го добивме од нашата верна читателка Клаудија Мановска, таа на доста разбирлив и едноставен начин ги посочува фактите кои се клучни и неоспорни - улогата на семејството, училиштето во воспитанието и самото градење на личноста, воопшто.



 Можеби во минатиот текст, не дадов некоја конкретна солуција за тоа како може да се излезе од кризата на вредностите и моралот (тоа беше темата на муабетот), меѓутоа, човекот учи исклучиво од сопствените грешки (само ако е свесен за истите), па, верувам нема да ми се повтори такво недефинирање на излезот од проблемот, односно препреката. 
Во последниов период, во главно, ми се врткаат некои исти мисли низ главата, кои се само една рефлексија на она што реално ми се случува во животот. 
Живееме во општество, свесни или несвесни за тоа колку истото влијае врз нас, луѓето. Со се што оди во пакет со него. Влијанијата не секогаш се позитивни, или подобро кажано, повеќето од нив се негативни во денешно време. Мора да имаме такви одбрамбени системи, кои не би дозволиле негативното да ни се пресели во нашите прилагодливи животи. Воспитанието е тема која треба детално да се разгледува...секогаш и постојано. Децата излегуваат од мајчината утроба, а со тоа започнува и нивниот процес на воспитание. Има една анегдота која вели дека докторот, кога дошле родителите да прашуваат од кога треба да почнат да го воспитуваат нивното тригодишно дете, рекол дека веќе доцнат 3 години. Ова само го користам како аргумент на претходно споменатото. Значи, изгледа дека навистина на воспитание се учиме уште од најмали. 
Воспитанието е сложен процес, а неговата цел е да ги изгради биолошки дадените индивидуи во педагошки зададени личности. Односно, битен е моментот на изградување, или, обликување на личноста. Треба да се усвојат некои навики и формираат уверувања со што личноста ќе биде способна да мисли со своја глава, да биде самоактивна, оригинална, да знае да вреднува, критички да зазема одредени стваови, да аргументира. Со други зборови, воспитанието треба да му овозможи и помогне на поединецот да може да живее, работи и дејствува самостојно во околината во која живее. И тука се поставува клучното прашање: Како да се тргнат најмалите од штетните, негативни влијанија кои доаѓаат од општеството? Многу едноставен е одговорот. Треба да се тргне од семејството. Семејството е средина со која најпрво се среќава малото дете. Комуникацијата со родителите и потесното семејство е токму она кое е појдовен елемент во формирањето на личноста. Родителите се тие кои треба да го штитат своето дете, не дозволувајќи да се појави некоја фалинка во воспитанието. Несомнено, мора да се стави посебен акцент на воспитувањето кое го даваат родителите, бидејќи подоцна, тоа ќе биде единствениот показател за личноста на детето. Од воспитанието кое детето го добило дома, ќе зависи дали тоа ќе дозволи да му влијаат ненамерните (негативни) влијанија од средината. Друго решение е училиштето. Училиштето е втора битна компонента во воспитувањето на децата. Предучилишното, исто така, заедно со воспитувачите. Тоа значи дека воспитувачите, учителите и наставниците играат значајна улога во животите на децата. Тие треба да го знаат тоа, и да се потрудат да ги учат децата на морални и етички вредности, кои би биле позитивни, се разбира. Од тука потекнува поврзаноста на воспитниот и образовниот процес. Покрај образувањето (на кое се придава поголемо значење), учениците треба да се воспитуваат. Тие најмногу време поминуваат во училиште и дома, додека се помали. И, сосема е разбирливо дека родителите и учителите треба да помогнат во целосното формирање на личноста. Кога детето ќе се воспита, мала е шансата да општествената средина негативно влијае врз него. 




Sunday, December 25, 2011

*****

Честит Божиќ на сите кои денес го слават Исусовото раѓање...Божиќната магија нека допре до Вашите срца и нека Ви донесе многу моменти исполнети со љубов и благосостојба...МКдемократија Ви посакува среќни Новогодишни и Божиќни празници!


Wednesday, December 21, 2011

Слобода и еднаквост

Можете ли да кажете кое од овие деца не е родено слободно...? Или еднакво...? Можете ли да кажете кое од овие деца не треба да биде третирано со почит и на достоинствен начин...? Не можеме ни ние...

Севернокорејска хистерична “идила“

Што е тоа што се случува во Северна Кореја? Сите бевме затечени кога по телевизииве почна да се дава хистеричното и масовно жалење на народот таму по својот “лидер“ откако се објави веста за неговата смрт. Тоа лидер го ставам во наводници, бидејќи, верувам ќе се сложите, за нив е лидер, но за нас “луѓето од 21-от век“, тој збор треба да биде диктатор.
Севернокорејците живеат потполно изолиран живот, живот во границите на Северна Кореја, без целосен пристап до интернет, користат само специјален интернет, се што успеваат да направат во животот, да студираат, да научат јазик плус, се е благодарение на великодушноста на нивниот лидер. Дозвола за користење на мобилни телефони добиле дури во 2008-та година и тоа ограничено користење, само во рамките на Северна Кореја.

Како и во секоја друга ситуација, така и во оваа има и такви кои се осмелуваат и истапуваат похрабро да дознаат што има надвор од Северна Кореја, што има во светот. Каква е нивната судбина никој не знае што претставува нормално поради целата таа затвореност на Северна Кореја, која и своите минимално неколку туристи ги води со строго определена агенда, исто како и агендата на својот народ. Се знае само за они кои успеваат да пребегнат во Јужна Кореја и притоа да не бидат откриени, дека им се потребни месеци поминати во специјални училишта за да научат како да живеат во 21-от век и останатото современо општество.
Луѓето од своето раѓање се учени на тој режим, се учени на тие правила, што доведува до тоа едноставно да живееш така без воопшто да се запрашаш дали има нешто друго. Па и со оглед на тоа дека не ни знаат што има надвор од границите на Северна Кореја, немаат ни од каде да дознаат, телевизиите, весниците, интернетот, целата нивна содржина е само Северна Кореја, нејзиниот лидер и нивните фирми и корпорации, целиот живот го поминуваат мислејќи дека државата е на работ на војна, а сигурноста и безбедноста ја обезбедува нивниот лидер, тогаш и ништо не е чудно. Е сега, жалењето, плачењето, паниката, хистеријата за неговата смрт, всушност претставува паника и страв за иднината? Нашиот лидер повеќе го нема, што ќе биде сега со нас? Ќе успее ли неговиот наследник да ја задржи стабилноста? Останува да си претпоставуваме, секој со своето размислување, страв ли е за иднината или пак навистина им бил премногу драг.

Sunday, December 18, 2011

Светска депресија

Тежнееме кон влезот во ЕУ, воведуваме промени во законодавството, иако повеќето се само на хартија, не и во реалноста, но сепак правиме чекори и тоа со една цел, влез во повисоко демократско општество. Веруваме дека тогаш сите наши проблеми ќе бидат решени и животот ќе ни стане идила... Што всушност знаеме ние за ЕУ и нејзините членки? Од каде таа мисла дека сите тие имаат совршено обработени политики, економии и ред други работи?

Вчера прочитав една статија во “Вест“, во која се пренесува колумната на Пол Кругман, колумнист во “Њујорк Тајмс“, во која тој моменталната економска криза ја нарекува депресија, а еврото како заедничка валута и неговата моментална состојба всушност доведува до раздор и се поголема оддалеченост на земјите членки во ЕУ. Кажува за поткопувањето на демократијата и нејзините институции во неколку земји од ЕУ, Финска каде антиимигрантската партија Вистински Финци има солидно гласачко тело, Австрија каде Партијата на слободата чиј што лидер имал контакти со неонацистите, стои рамо до рамо со останатите партии, Унгарија во која една од главните партии, Јобик е партија против Ромите, антисемитетска и има свој паравоен огранок, а вистинската закана доаѓа од владејачката Фидеш која лани освои мнозинство и протурка нов Устав со кој практично си се обезбедува за владеење без престан и бришење на опозиционите партии. Сите овие земји се добро ситуирани и Пол вели, замислете тогаш каква е ситуацијата во оние посиромашните.
Опаѓањето на јавната поддршка за демократијата, според Европската банка за реконструкција и развој, особено во новите членки на ЕУ, оние кои влегле по падот на Берлинскиот Ѕид, се должи на колапсите во економијата. Најголем пад на довербата има во оние земји во кои има најдрастичен економски колапс.

Светот полека и врти грб на демократијата и се прашувам каква ќе биде политиката доколку ваквите аспирации продолжат. Депресијата е во подем, а гледаме само некои старо - нови  решенија со кои би се спречило нејзиното ширење и би се нашол излез од лошата економска политика. Додека се лажеме едни со други, додека манипулираме едни со други, секој за своја корист, они кои владеат го прават истото, но нивните постапки влијаат на сите жители во една држава, знаеме ли каде ќе ни биде крајот? Веруваме во демократијата и правата на човекот, но ако поткопувањето на демократијата продолжи, непочитта, себичноста, дискриминацијата, ќе бидат најмали проблеми кои ќе треба да се решат.

Friday, December 16, 2011

Традицијата и менталитетот - изговор при кршењето на човековите права

Често се соочуваме со фактот дека традицијата во Македонија е многу важна работа и има примарно место кај речиси секое семејство. Со самото наше раѓање го впиваме воспитувањето и размислувањата од домашните, како што и тие впивале од нивните родители. Однапред се знае дека момче со долга коса е или зависник од наркотици или скитник или некоја друга сорта што не сакам да ја споменувам. Девојка која седи сама во кафуле и пие кафе притоа читајќи некоја книга е чудна. Сигурно нешто не е во ред со неа. Кој друг седи сам во кафуле?Тоа не е нормална појава. Човекот кој живее сам и по 30-тата година и нема жена во својот живот е сигурно хомосексуалец. Или и со него не е нешто во ред. Табиетот не му чини. Менталитетот ни го налага тоа. Традицијата не прифаќа такви „ испади “ Неприфатливо е цел живот да го посветиш на своето дете и еден ден да слушнеш како ти вели : „Мамо, јас ќе се откажам од факултетот. Едноставно не ме интересира истото што и тебе. “ Разочарување е доколку еден ден чуеш : „ Тато, јас немам девојка затоа што ме привлекуваат мажи. “ Или нешто од типот : „ Решив. Сакам да бидам музичар. Не сакам да бидам доктор, како вас. Ова е мој живот. “ Цел живот го поминавте размислувајќи што е најдобро за вашите деца и сега кога им го пружате најдоброто, тие сето тоа го отфрлаат. Неверојатно нели? Ова не се случува во традиционалните семејства, туку само кај оние распуштените. 



Традицијата е збир на обичаи, драги мои. Вредности кои народот ги чува и применува со генерации. Заедништво, нишка која не поврзува. Традицијата не е дискриминација. Традицијата не е непочитување на разликите. Мешање во туѓиот живот и негово креирање. Традицијата и менталитетот не се должни да критикуваат и судат, должни се да обединат. Тука се да не потсетат од каде сите доаѓаме, да не доближат до коренот, заеднички. Предрасудата ја нема и не треба да се манифестира преку традицијата. Во тој случај, таа(традицијата), се злоупотребува и користи за дискриминирачки цели и кршење на човековите права.  Тоа е она што треба да го научиме и постојано да го имаме на ум. Сите сме исти пред законот и пред Бога, но нашите души се различни. Секој е индивидуа сама за себе и има право да го живее животот на свој начин. Никој не мора да го разбере тој начин, но е должен да го почитува. Најдоброто за нас, е она што ние самите ќе го избереме, она што нас лично не прави среќни.


Што се однесува до родителските маки, сомневања, грижи и разочарувања, тие не би требало да постојат. Секој родител го мисли најдоброто за своето дете. Но, децата не се сопственост на родителите и секоја нивна постапка и одлука не е грешка на самите родители ако не ги исполнува нивните критериуми. Гледањето на децата како продолжетоци на родителите е неправедно, токму заради сопствената индивидуалност на децата.Секој има право да одлучува и живее според своите верувања и убедувања, без притоа да биде омаловажуван и осудуван заради истите. Во прилог би напишала неколку стихови кои комплетно би ја потенцирале поентата  на наведеното :

Вашите деца не се ваши деца.
Тие се синови и ќерки на животот што копнее по себе.
Тие постигнуваат, но не преку вас.
Иако се со вас, тие не ви припаѓаат.
Дајте им љубов, но не и вашите мисли, зашто имаат сопствени.
Можете да ги удомите нивните тела, но не и нивните души,
зашто тие престојуваат во куќата на иднината до која вие не можете 
да стигнете, дури ни во соништата.
Можете да се трудите да бидете како нив,
но не барајте тие да бидат како вас,
зашто животот не оди наназад, ниту пак стои.
Вие сте лакови од кои вашите деца, како живи стрели се отпуштаат во иднината.
Стрелецот го гледа знакот на патеката на вечноста,
и Тој ве свива со Својата моќ,
за да отиде неговата стрела брзо и далеку.
Вашето свивање во раката на стрелецот нека биде радост,
зашто иако, Тој ја сака стрелата што лета,
Го сака и лакот што е постојан.

(Калил Џибран)