Search This Blog

Friday, December 9, 2011

Време да се сопре манипулацијата и узурпирањето на личноста

  Почнав да размислувам на многу теми неделава. Мислите ги свртев 360 пати, 360 теми, и уште 360 други се и сешто работи. Тргнав од едно, се префлив на друго, завршив со трето, никогаш не успевам да дојдам до конечен заклучок, што повторно мислата ме наведува на тоа дека за се има неколку страни, неколку вистини. 

Кога ќе разгледаме, доколку не интересира се разбира, по интернет да разбараме, за демократијата имаме секакви размислувања, секакви толкувања, кои почнуваат и од дилемата, дали постои или не демократијата. Јас би рекла постои, но во онаа верзија во која најмногу му одговара на тој што ја спроведува, како власта на пример. Демократско е се она што им пружа доволно демократија на високите функционери и она кое најмногу ќе им донесе профит на нив самите, а не на народот кој ги избра. Значи, ќе заклучиме дека демократијата како таква каква што е претставена во учебниците, не постои!! Демократија, по најнова дефиниција, претставува она што ти сакаш да претставува - навистина постои, или ќе те увериме дека постои, а всушност не постои - се разбираме нели??
Добро, тоа ајде и да го прифатиме, нека биде така, мислам што да правиме, не сме ние на власт нели, но што е со нашата слобода, што е со нашето право на сопствен живот, со нашето право на избор што да правам со себе и со мојот живот, никој ама баш никој не смее да ми каже како да живеам, ниту пак власта која е таму затоа што јас сум ја поставила таму. И по некоја логика, јас те ставив, ќе правиш онака јас како сакам, или пак јас и ќе те симнам од таму. Притоа под ставката „јас“ не мислам на мене, туку мислам на сите вас кои сте излегле слободно на избор и сте гласале кој да ви ги регулира правата. Значи да ги регулира, а не да ги узурпира. Да, ги узурпира, затоа што толку слепо се следи нечива политика, што и самиот верува дека неговата пропаст е всушност неговиот успех. Тоа на нашки се нарекува МАНИПУЛАЦИЈА. Да, и сега додека го читате ова, доколку има некој што го чита, ќе речете, е како да не, не сум јас толкава будала. Точно, никој не е толкава будала, но нечивата моќ е толку голема, што да те изманипулира е многу ситна работа, толку ситна што не ја приметуваш, и кога некој ќе ти ја покаже, не му веруваш, ама воопшто не му веруваш и му кажуваш дека тој е будала. 

Е, додека ние меѓу себе се викаме будали, некој горе ја искористува нашата глупавост и си ужива и прави што сака. Тогаш нема никаква потреба да си кажуваме дека имаме некакви права, дека ова е демократија и дека јас слободно си живеам како сакам, бидејќи тие наши права некој друг одамна ги поседува, а на нас, во оваа ситуација ни останува да го задржиме правото да бидеме уште поголеми будали од тоа што сме. 
Имајте убави дни се до денот кога ќе се свеснеме да си ги земеме нашите права назад!

Wednesday, December 7, 2011

Слобода на избор!

   До вчера, морам да признаам, мислев дека кога ќе „ пораснам “, ќе ја имам можноста да одберам што точно сакам да постигнам во животот, на професионален и на приватен план. Ќе ја поседувам таа слобода да го изберам она што мене најмногу ми лежи и за што имам потенцијал. АМА! Не било така. Изгледа слободата на избор не е на моето мени! Блазе им на тие што го чувствуваат вкусот на таа преубава гозба! Иако по сѐ изгледа дека малкумина ја уживаат таа привилегија.

   По некојси непишан закон, кога ќе се родиш овде конкректно кај нас, судбината ти е предодредена. Се знае дека ти мора да бидеш со сите петки на училиште ако и твоите родители и 90 проценти од фамилијата биле одлични ученици; мора да се запишеш на некој „елитен“ и „тежок“ факултет (со исклучоци било каков, може и приватен или било што да не се мачи мајкин/мајкина) и заграда на заградата (имало и поделба на лесни и тешки и елитни и безвезни факултети?!?) ; потоа се знае – штом го завршиш факултетот веднаш работа баааап или нешто со некаква врска и ургенција или преку некоја партија – сам не дај Боже да одлучиш. И ти би требало само да климаш и да го потврдуваш тоа што ти е сервирано.
   Дете, дај оди прашај ваму, оди прашај таму, јави се кај овој, дај ќе се јавиме кај оној! Дај ќе го прашаме од тетка ти свекорот, па од куќниот негов пријател синот го знаеш? Да, го знам. Еее па жената негова работи ваму и ваму и дрн дрн дрн бла бла бла....!!!
   Индивидуалната слобода се крати долу уште од коренот. Навидум знаеле што е најдобро за нас. Секој човек знае што е најдобро за себе, тоа и го избира, а ако тој избор не се совпаѓа со најдоброто од другите уште поубаво. Зошто личноста е уникат, единствен примерок – копија њет! Лицемерно е во секој случај да се промовираат човекови права и демократско општество (кое претставува големо семејство создадено од поголема бројка на граѓани), кога ни најтесното семејство, во тој мал круг на блиски луѓе не се почитува и применува правото на слобода и правото на избор. Што да очекуваме тогаш од целокупното општество, од големото сeмејство...?
   Зарем дојде време кога не е ни важно што имаме да кажеме и што мислиме? Колку што имам познавања а и верувам, дека секој човек е предводник на сопствениот живот. Секој, ама баш секој, има право да размислува на свој индивидуален начин, да се облекува како сака, да другарува со кого сака, да учи за тоа што тој/таа сака, да го работи она што го сака, да го пружи на светот она што тој/таа сака, со други зборови, кратко, јасно и едноставно – ДА ИМА ПРАВО НА СВОЈ ИЗБОР!

Tuesday, December 6, 2011

Еднакви и Слободни

   Сите ние сме родени еднакви и слободни...Сите го вдишуваме истиот воздух, некои повеќе загаден, некои помалку, но сепак истиот....Сите сакаме да бидеме среќни, слободни, на сите ни треба истата љубов, на сите ни треба истата храна, истата вода за да го преживееме денот....Тогаш има ли некој одговор на прашањето која е целта да не се почитуваме, да се мразиме, да се повредуваме, да уништуваме се наоколу? Нели сите сакаме подобро утре, здрав живот, здрава планета...За да биде здрава планетата најпрво треба ние да бидеме здрави...Почни со промена и тоа со промена на самиот себе...Немој тоа да го правиш за никого, направи го за себе и за твоите деца за кои сигурна сум дека сакаш да имаат праведен и достоен живот. Суровата околина тоа само ќе им го ускрати и ќе добијат загорчен живот полн со тешкотии....Не го сакаме тоа нели?

Monday, December 5, 2011

Интересно и чудно...

Погледнете го ова „ контроверзно “ видео, со кое се објаснува во кратки црти како е замислен системот во САД и како всушност, демократијата е сфатена од познати „ големи луѓе “ како Бенџамин Френклин, Томас Џеферсон и сл...За некои демократијата претставува состојба кон која сите се стремат, додека некои и немаат баш позитивно мислење за истата...

Sunday, December 4, 2011

Што би било кога би било...?

Кога би се нарекувале браќа и сестри, темнината одамна ќе ги напуштеше нашите срца. Кога би ги почитувале разликите, а би не зближувале сличностите, сонцето немаше да го изгуби сопствениот сјај. Кога не би размислувале што носи утрешниот ден и би живееле сега, во овој момент, за нас времето немаше да постои. Кога би се потрудиле да нурнеме подлабоко во нашите души, тогаш годините би биле само обична бројка. Младоста ќе тропнеше на секоја врата. Духот во нас ќе ја зачуваше онаа енергија, онаа сила што ја поседуваат само „најголемите“. Деновите би поминувале во неизмерна смеа, која одѕвонува во далечините како милозвучна композиција, досега нечуена.
            Кога би ги избришале од нашиот речник зборовите алчност, себичност, моќ, лицемерие, расипништво и ги замениме со љубов, вера и надеж, тогаш крајот не би го ни очекувале, зошто нема ни да дојде. Кога светот би го гледале со други очи, од кои блика искреност и топлина, само за момент, би сфатиле дека фасцинантна сила не обединува, во една толку силна, нераскинлива нишка.


            Што би било кога моите зборови би значеле нешто? Кога оние, ранливите, слабите, би ја добиле помошта која очајно им треба? Кога ќе можам и сакам, да подадам рака во секое време? Зошто добрината се гради и одржува постојано, а и срцето го исполнува со неизмерна љубов и спокој.
Грешките се препреките, кои како црна чума следат, и го демнат секој ваш чекор. Но волјата е таа што ќе ве избави од вртлозите на лагите и испреплетените патишта на искушенијата. Научените лекции никогаш не се забораваат, а и направените гревови се искупуваат. Трнлив е тој пат, но вреди да се изоди.
Простувањето не е дарба на добрите, простувањето е дел од битието. Да се сака, пак, е човечка способност, а да се биде сакан е привилегија.



Што се тоа човекови права?

Проследете ги одговорите на анкетираните во видеото..Колку ли е комплицирано прашањето...???


Thursday, December 1, 2011

Предрасудите - дел од денешното време на непочитување

Демократското општество во себе ги брои ли и предрасудите? Ускратени ли ни се правата доколку сме во група на луѓе која живее со некоја од тие предрасуди?
Живееме во модерно изградени држави во кои сите се подеднакво прифатени, барем навидум се прифатени, но сепак уште многу ни преостанува да учиме и многу работи да искорениме за тоа навидум да премине во вистина.
Денеска е светски ден за борба против СИДА - та. Што мислите прифатени ли се луѓето кои боледуваат од оваа болест или пак сме далеку од тоа? Информирани сме доволно за да знаеме дека вирусот не се пренесува со физички контакт, но сепак носителите на вирусот се изолирани од општеството и не добиваат редовна терапија медицинска грижа со која непречено ќе можат да го живеат својот живот.
Нашето општество се уште им робува на предрасудите, а СИДА - та е само една од нив.