Што чудна е средината во која живееме. Се прашувам дали е до мене, но често
се случува сите околу мене да знаат како се чувствувам. Како размислувам, а
богами и каква сум. Очигледно сите многу добро ме познаваат, или пак, имаат
некоја боженствена моќ со чија помош ги дознаваат сите тие информации. Јас пак
будала, си мислам дека секој е сопствена индивидуа и секој сам може најдобро да
се разбере себеси. И тоа ако има среќа, некогаш и сами себе не се разбираме.
НО! Сфатив дека досега живеев во тотална заблуда. Па сите останати го знаат
тоа, само јас не. Како ЈАС да сум во сите ВАС! Сите знаат како ми е. И нема
потреба да објаснувам. Што и да кажам е излишно, а сигурно и погрешно, оти
многу пати се случува и да бидам корегирана, затоа што моите мисли и ставови
ниту се точни, ниту правилни и се разбира тоа е само мојата бујна фантазија,
само си умислувам, ништо од тоа што се вртка во мојата глава не е вистина.
Претпоставував дека заклучоците што човек ги носи, се базираат на дела,
зборови, факти и сведоштва. Сигурно дека голем дел од моите заклучоци не се
измислени и не излегле од нигде никаде.
Од кога почна да се
потценува размислувањето на луѓето, поточно способноста за размислување? Зарем
секој што има сопствен став и мислење е однапред осуден за истото и зошто секој
став мора да биде изваден од контекст само за да се има причина за осуда и
омаловажување? Фала му на Бога, сите имаме сопствен мозок и се разбира мора да
биде искористен, инаку не би ни бил потребен. Моите мисли, моите ставови, моите
чувства се само мои. Не е ни можно комплетно да бидат сфатени од останатите,
затоа што секој е човек сам за себе, сопствена индивидуа која ги поседува сите
нив, уникатни делови од личноста по кои сите се разликуваме и би требало
меѓусебно да ги почитуваме.
Не потценувајте ја мојата личност. Си го сакам моето ЈАС назад.