Search This Blog

Tuesday, March 20, 2012

Факултетско образование - вреден или залуден труд?

Македонија стана факултетска земја. Скоро во секој град никнаа универзитети и студии, се со цел да се растерети главниот град и да се олесни процесот на секојдневно патување до Скопје или пак сместување под наем. Би се рекло дека се грижиме за нашата иднина, образовани млади генерации во чии раце потоа ќе биде државата и нејзиниот напредок.
А знаеме ли што ни пружаат факултетите? Ни пружаат ли задоволителна подготовка со која ќе го продолжиме патот кон светот на вработувањата? Изгледите се следни: завршуваме факултет, тражиме вработување, со гооолемо мачење ќе го најдеме и што следува потоа? Уште едно предавање од најмалку неколку месеци за тоа што всушност ние ќе работиме. Да, добиваме часови како да го работиме тоа за што сме завршиле факултет, затоа што, тоа што факултетите ни го пружиле не е воопшто доволно.

Пракса по факултетите нема, а таму каде што има, тоа е минимално и повторно по вработувањето се среќаваме со непознат свет. Неминовно е сега да го поставиме прашањето зошто трошиме време и пари на факултетското образование? Драги мои јас го немам одговорот на ова прашање. Изминаа моите факултетски денови, јас се вработив и верувале или не, учев работи кои воопшто и не биле спомнати на мојот факултет, а камоли изучени. Тие работи се, ни помалку ни повеќе, туку оние најбитните за една професија, тие работи ја сочинуваат таа професија. Тоа со сигурност знам дека не е моја вина.
Верувам дека има и такви кои воопшто нема да се сложат со оваа горенаведена ситуација, а богами и јас ќе кажам дека има институции на кои рака ќе им пружам за се што им пружаат на своите студенти. Но, таквите можеме да ги изброиме на прсти, за жал.
Можеби иднината ќе покаже дека само требало време да помине за да си дојдат работите на свое место, инаку тоа што е сегашност, единствено што ветува е квантитет и никако квалитет.

Националниот идентитет - дел од Европскиот идентитет

Преку ова видео сакаме да го потенцираме фактот, дека нашиот национален идентитет, претставува дел од Европскиот, бидејќи токму самиот Европски идентитет се состои од мноштвото национални идентитети на државите кои ја сочинуваат Европа. Со снимки од секојдневието се надеваме дека ја доловивме поентата на она што сакавме да го прикажеме, а тоа е, дека на крајот на краиштата сите сме слични и заслужуваме заеднички живот базиран на слога и хармонија, притоа почитувајќи ги разликите кои постојат меѓу нас, но и чувствувајќи се горди што ова колоритно општество во кое живееме е можеби мал, но значаен дел од едно големо семејство.


Monday, March 5, 2012

Серијата „Тензично општество“ репризно, секој ден!

Колку и да сакаме да ја избегнеме реалната слика за секојдневието, за случувањата околу нас, невозможно е. Иако ми е тешко да го разберам овој, за мене, феномен, сепак е присутен и тоа како. Многу  малку недостасува за сите да ги извадиме на виделина сите скриени чувства, за жал, непријатни. Чувства на очај, омраза, незадоволство, нечовечност. Никако со ладна глава да ги согледаме работите и да почнеме да размислуваме какви последици може да ни донесе начинот на кој се однесуваме меѓу себе.
Од настаните што се случија во изминатиот период, единствено може да се заклучи дека сите ние живееме во заблуда. Се лажеме дека градиме соживот и дека постои кохезија во општеството, а воопшто не се ни трудиме тоа да го постигнеме. Како да чекаме во сенка, само една мала провокација, за таа да резултира со масовна ерупција на огорчени чувства. Зошто баш во тие моменти постои сплотеност во нивното изразување?Од каде се раѓа таа желба на неконтролирано интерпретирање на лоши мисли, ставови и одбивност?
Кога сите би се ослободиле од политичките притисоци, манипулации и разно разни влијанија кои постојано ни ја трујат душата со емоции кои би требало да бидат непознати за нас, ситуацијата би била поинаква. Кога би успеале стравот да го неутрализираме со пристојно и култивизирано меѓучовечко однесување, би можеле да се слушнеме едни со други, и слободно би го изразувале сопственото мислење, без притоа да се плашиме дека ќе бидеме осудувани и понижувани заради истото.
Време е дијалогот да ја заземе потребната улога во ова општество, каде што зборот ќе биде средството со кое ќе се разбираме и ќе споделуваме пријатни мисли, чувства на пријателство и коректни односи. Време е да ставиме крај на горенаведената серија, репризите само продолжуваат да не хранат со омраза и горчина, а тоа сигурно нема да резултира со позитивен исход. Време е оваа серија да заврши со среќен крај ;-)