Search This Blog

Tuesday, February 7, 2012

Си беше еднаш на „Дивиот Запад“

Никако деновиве да ми излезе од глава  нумерата ,,What's going on?,, од 4 Non Blondes. Рефренот постојано ми одѕвонува во ушите и тоа така жестоко, баш како што ја интерпретира пејачката. Не можам да ја сварам ситуацијата која во последно време се одвива во Македонија. Како да се враќаме назад, страв ми е и да изговорам, во 2001-та година, а не да се движиме во нагорна линија. Мислевме дека соживотот ќе биде дел од нашето секојдневие, дека сите, ако ништо друго, барем ќе се обидеме да живееме во заедништво, исполнето со коректни односи. Впрочем, никој и не ни бара да водиме љубов! Едноставно, меѓусебно почитување и толеранција ќе бидат доволни.
Но, тоа не важи за ,,Дивиот Запад,,. Не, не и не!Мора постојано да се случуваат протести, палење на државни знамиња и верски објекти, исмејување на вера, националност, понижувања преку навивачки песни и така се до крајот на листата, а таа е богами многу долга. А оние кои би требало да дејствуваат против ваквиот развој на настаните, скапоцено време трошат на меѓусебни препукувања и обвинувања. Што ли се случува со нас? Не сакаме ли да ставиме крај на ваквото сценарио? Кој ли стои позади ширењето на ова нетрпение и гнев? Не можам да ја разберам сета таа омраза што ја шириме едни кон други. Зарем не постои никакво решение на нашите проблеми? Ова ли е начинот на однесување, на кој ќе ги учиме идните генерации? Ваков живот ли им посакуваме на оние кои допрва ќе доаѓаат на овој свет? А ќе биде и полошо, доколку сите постапки кои резултираат со бунт и револт не бидат санкционирани.


А мистеријата лежи во тоа, пак, како одеднаш ситуацијата дојде до точка навриење? Кој го иницираше текот на настаните во изминатиот период? Сите тоа се прашуваме. Никој не знае, а сите се бунат. Никој не е запознаен со ништо, а сепак сите имаат нешто да кажат за целокупнава приказна. Ај што има две страни кои упорно се обидуваат да докажат кој е во право а кој во криво, па и останатите дополнително ги разгоруваат страстите и никако да стават крај на ова старовремско и нечовечно однесување.


Кога ќе се свеснеме дека цената која ќе ја платиме заради сиот овој гнев кој владее меѓу нас, ќе биде многу висока? Кога ќе увидиме дека еднаквоста меѓу нас е неприкосновена? Омразата никого не одвела далеку. Нема ниту нас. Додека народот меѓусебно се убива и мрази, некој слатко се смешка и се гордее со постигнатото. А она што најмногу ме разочарува е фактот дека потребно е многу малку за вистинските чувства и мисли на сите да излезат на површина. А тоа наведува на размислувањето дека целата слика за мирен и толерантен соживот е една обична фарса. Доволни се само мали провокации за да го докажат претходно кажаното. Којзнае, можеби наскоро сите ќе си ги отвориме очите и ќе сфатиме до кај сме стигнале или, сме се уназадиле. Само дај Боже да не биде доцна.
За крај, ако ништо друго барем слушнете ја песната за која ви говорев на почетокот и  scream from the top of your lungs : WHAT'S GOING ON?! Чисто за утеха...


Послушност, Авторитет, Цензура = Демократија на македонски начин

Македонскиот народ во последниве 10тина години живее во процес на демократизација, но со акцент на послушност и покорност. Веруваат дека нашето општество оди напред во истиот тој процес, така што управувањето и владеењето подобро е доколку се стават во рацете на еден човек кој ќе управува и раководи со државата. Онаа реченица со закон загарантирана која гласи вака некако: Право на живот, право на слобода, право на мисла, право на нејзино слободно пренесување во јавноста, право на слобода за добивање и ширење на информации, право на слободна вероисповед, право на слободно здружување..., според половина од нашите граѓани е подобро барем во одредена мера да бидат цензурирани, бидејќи, замислете, дури 47% сметаат дека премногу демократија и премногу сите оние погоре наведени права, не е на арно. Нека биде ограничена нашата демократија.


Доколку се прашуваме ние, жителите на нашата Македонија, би можеле да воведеме нов принцип на живеење, авторитарно-демократски. Малку се контрадикторни овие двете, но ние тука ќе им најдеме чаре, ќе ги споиме некако. Иако нашата довереба во најголем процент е доверба кон верските објекти, односно институциите на владата, судството, полицијата, воопшто не добија на доверба, ние сепак ќе им бидеме покорни и послушни и нема воопшто да се побуниме за да ги добиеме нашите со право загарантирани права. 
Ова е само еден дел од анкетата која беше нарачана од Советот за глобална соработка, а беше изработена од Институтот за социолошки истражувања.


Работите како намерно да одат во надолна линија, што се однесува до живеењето слободно на народот, а “покорни“ да бидат властите, односно да работат за доброто на луѓето кои ги поставиле на тие места. Но, најлошо е тоа што ние самите си ја правиме таа надолна линија, никој не не тера кон дното повеќе отколку што тоа го правиме ние самите. Многу е полесно кога ќе ги затвориш очите и ќе си речеш - да си ќутам подобро ќе биде, но тогаш нема потреба ни да се жалиме на нашиот лош демократизам и нашата лоша положба во однос на другите европски земји. Можеби и премногу сме завртени кон таа теза дека Македонскиот народ пати во текот на целото свое постоење, теза која и ден денеска никако да ја искорениме од нашите глави. Штом сеуште ја вадиме таа мисла и не и даваме да си оди, а ние да се завртиме кон борбата, наместо кон преживувањето, тогаш и автократскиот-демократизам малку ни е!


На линкот можете да најдете повеќе информации во врска со анкетата и дебатата на тема  „Демократската свест кај граѓаните на Република Македонија“.