Search This Blog

Sunday, January 29, 2012

Вреднување на личноста - реалност или фикција?

Често се запрашуваме дали некој ја забележува нашата внатрешност, или пак суди само по обвивката. Она што, сакале или не, е изнесено на виделина. И во многу наврати, се двоумиме дали воопшто да ја презентираме таа наша внатрешност и да го отвориме срцето на останатите. Тука стравот игра голема улога. Што ако ме повредат? Што ако згрешам? Овие размислувања и те како повеќе ја погодуваат женската популација, што е доста нормално. Сето тоа произлегува како реакција на односот кој жените го добиваат во општеството, особено од мажите.
Велат дека оние кои зрачат со надворешна убавина и пленат со својот изглед полесно го поминуваат тешкиот процес наречен живот. Се разбира, сите сакаат постојано да гледаат убавини пред своите очи. Но, каде е она другото, невидливото, каде е внатрешноста, она што не одредува кои сме и не дефинира како личности? Таа уникатност и индивидуалност за која не постои никаква копија. Особините поради кои ќе добиеш почитување и вреднување од другите.
Особено внимание мора да се посвети на женскиот пол. Жените од секогаш биле поранлива група, за разлика од мажите. На нивна страна се препишуваат нежноста, емоциите, елегантноста. Мажите, пак, се оние силните, издржливите, ловците. Меѓутоа, се избегнува третирањето на жените од страна на мажите, кое произлегува токму од таа физичка надмоќ која мажите ја поседуваат над жените (иако постојат исклучоци). Најчесто, жената е гледана само како објект кој би ги задоволил сексуалните фантазии на мажот. Тоа се одразува и на професионален план, а и на приватен. Не се вложува премногу труд за да се запознае она што е под надворешната убавина, не се двои дел од времето да се увиди внатрешноста на жената и сето она што таа има да го понуди на светот. Поголема е придобивката ако покрај себе имаш интелигентна, амбициозна и чесна жена, отколку убавица која нема дефинирана цел во животот и служи само за забава. Несомнено е дека и жените се борци, исто толку големи како и мажите и би требало да се третираат еднакво како и мажите, особено во овие модерни времиња. Можеби сето ова изгледа доста феминистичко но еве ја и другата страна од приказната.
Најтрагично е тоа што голем дел од жените и ова го сметаат за нерелевантно, односно, им одговара таквиот третман од страна на мажите. Ги прави да се чувствуваат убави, заводливи, посакувани. Го задржуваат мислењето дека на тој начин ќе постигнат многу повеќе и ќе го добијат она што го сакаат полесно, отколку со труд и упорност. Најверојатно не сфаќаат дека тоа е минлива работа и кратко трае. Ничиви очи не се задоволуваат само од една убавина. Алчното човечко око секогаш бара уште. Она што останува е цврстиот карактер кој се крие под таа витка става и заводлива насмевка. Особини со кои се освојува нечие срце, а не се предизвикува само моментална возбуденост и копнеж.


Во секој случај, почитувањето на личноста како одредена индивидуа, секако спаѓа во човековите права, од проста причина што со самата изградба на човекот како личност, неговото достоинство е дефинитивно составен, па и најважен дел од неговото битие. Со тоа, потребно е да се почитува неговото мислење, начин на изразување и целокупен израз на неговата личност.



Wednesday, January 18, 2012

„ Основа на правдата е силната верба! – Цицерон “

Кај што има сила нема правдина. Така вели една стара поговорка. Но дали е вистинита? Многумина ќе помислат дека залуден е обидот да се побие оваа констатација, но можеби ќе успееме да извлечеме еден друг поглед во однос на таа толку посакувана, а ретко застапена правда.


Емоциите кои сите не совладуваат во моменти кога ни е нанесена неправда, често не принудуваат да завршиме со борбата. А тоа дефинитивно е она што најмногу не кочи да воведеме било какви позитивни промени во светот во којшто живееме. Се плашиме дека цената која треба да ја платиме притоа е доста висока. Што значи, борбата за правда по цена да се изгубат дел, или пак, сите оние работи кои ни значат во животот, не доведува до заклучокот дека сета таа пожртвуваност не вреди во таков случај. Тоа е всушност, силата, моќта на оние кои бескрупулозно би одзеле нешто кое вреди цело богатство на другите, а за нив е само уште еден начин да се докаже супериорноста врз останатите. Тоа се оние кои правдата ја применуваат како средство за задоволување на сопствените потреби, во сопствена корист, односно, од себични причини. На тој начин, го одбиваат фактот дека таквото однесување е чин на неморалност, алчност, омаловажување и нефер третман на другите. Не наведувајќи конкретни примери, сите знаеме за што станува збор. Голем дел од сите нас, во одредени ситуации во животот сме ја искусиле оваа појава. Сме го почуствувале горчливиот вкус на неправдата.
Меѓутоа, никако да признаеме дека стравот е оној кој најчесто владее со нас во таквите моменти. Помислата дека можно е да изгубиме некого или нешто што толку многу ни значи е сама по себе застрашувачка. Така престанува борбата за применување на правдата. Борбата за фер плеј. Со храброста и волјата се поместуваат планини. Само треба да веруваме во тоа. Решителноста е клучна во целиот тој процес. Само треба да сакаме. Упорноста, трудот и постојаното обидување, на крајот сигурно ќе резултираат со успех. Ако постои поговорка дека кај што има сила нема правдина, тогаш постои и поговорка која вели дека упорноста се исплатува. Сето она што има непроценлива вредност како што е правдата, никогаш нема да исчезне. Сепак, во борбата на доброто против злото, од секогаш победувало доброто. Впрочем, тоа е и причината зошто овој свет сеуште постои. Хаосот кој го предизвикува злото, не би го дозволил тоа, ако работите стоеја поинаку.


Затоа, не е лошо оптимизмот да владее постојано со нас. Позитивната енергија и тоа како би помогнала да го постигнеме она за кое се бориме, а тоа е светла иднина за сите нас. Задоволување на сите оние кои се жедни за правда. Иако патот до таму е трнлив и тежок, сепак вечната желба и безграничната верба, можат да го постигнат и невозможното.

Thursday, January 12, 2012

Поинаков поглед - поголема почит - посреќен живот

Ова што сега имам да го кажам, на прв поглед ја избегнува темата за која сме тука, но можеби постои и друг начин да се долови сликата за демократија, сликата за почитување на човековите права. Овој друг начин звучи подобро, и звучи многу поблиску до луѓето, отколку зборот демократија, за кој мислам дека повеќе прави да се оддалечиме отколку да се доближиме до неговата суштина.
Се поголема е веројатноста дека денеска во вашата околина ќе има повеќе намуртени, себични луѓе кои единствено се грижат за својата лична корист. Стоиме и се чудиме каде отиде светот, каде отидоа добрите, насмеани лица спремни да помогнат во секој момент. 
Сте се запрашале ли какви сте биле во вашето детство? Толку сме биле радосни, среќни и безгрижни, воопшто не сме помислувале на лоши работи. Сте се запрашале ли зошто е тоа така? Најлесниот одговор е, тие се деца. Најубаво е да бидеш дете бидејќи не се грижиш за ништо друго освен за другарчињата од маало кои те чекаат да играте игри. Сами си го наметнуваме тој одговор, несвесно оправдувајќи се самите себе, оправдувајќи ја намуртеноста на нашето лице со муабетот дека имаме премногу грижи и обврски за да ставиме насмевка и одбереме меѓусебна помош. 
Додека се лажеме себеси и другите околу нас го занемаруваме фактот дека всушност самите си ги наметнуваме тие размислување и ги оставаме позади нас детската безгрижност и насмевката. Многу е веројатно дека додека сме биле деца, возрасните не натерале да си внесеме во глава дека таквиот однос ќе потрае уште неколку години и потоа ќе го снема. Тие со нивната бездушност, непочит, не тераат да ги прифатиме тие “вистини“ и ние, и да заборавиме дека всушност не се работи за тоа дали си дете или си возрасен туку се работи за почит, се работи за меѓусебно помагање, се работи за љубезност и да, тие не се детски работи кои треба да останат во детството. Тоа се работи кои со годините треба да ги усовршиме, а не да ги напуштиме и безволно да се предадеме на суровоста на животот кој не е ништо повеќе суров од она што ние го правиме да биде. Се сами си правиме, а се други ни се криви. Тоа што вчера некој ти се развикал без потреба, тоа што вчера некој ти напакостил, а ти ништо не си му згрешил, не е баш така. Тоа е кармата на животот. Завчера ти на некого си му наштетил и не си свесен за тоа бидејќи ја вртиме главата на страна за да не видиме кој стои пред нас додека итаме кон целта. Така е со сите нас, некој на тебе, ти на некој друг, па некој друг пак на тебе. Се вртиме во круг наместо да се свртиме во детството, да ги земеме заборавените позитивни вибрации и да продолжиме по патот на среќниот живот. 
Можеби и философирам повеќе од што е потребно, но убавиот живот на почит, среќа, љубезност, помагање, нема да дојде со стоење во место и чекање. Тргни од себе и направи чекор кон подобра иднина за себе и за твоите најмили кои допрва треба да пристигнат на овој свет. 
Додека одиме по пат со трње, заслужуваме широки и добродушни насмевки, упорност нешто да се смени, упорност нешто да се постигне за самиот себе кое подоцна води кон подобар свет и поголемо добро од кое никој ама баш никој нема да биде поштеден. Вербата и широко отвореното срце ќе не одведе до светот на меѓусебната почит и сфаќањето на другиот како рамноправен на мене.

Wednesday, January 11, 2012

30 зборови кои многу значат

Во светот на демократијата, во светот каде се почитуваат човековите права, овие 30 зборови се од огромно значење...Правда, слобода, изразување, еднаквост...Незаменливи нешта.

Tuesday, January 10, 2012

Демократија - слобода да си ги избереме нашите сопствени диктатори


Кога за прв пат го видов одговорот на прашањето - Што е тоа демократија? ме натера да се насмеам и отворено да признаам дека е така, баш така т.е: - Демократија е слобода сами да си ги избираме диктаторите. Денеска повторно ја прочитав истава работа и овој пат освен што се насмеав неможев, а да не почувствувам огромно жалење. Жалење за себе и сите околу мене кои веруваат во постоењето на демократијата во состојба владеење на народот. Иронична, но многу вистинита е всушноост таа дефиниција, а ние оваа вистина ја среќаваме секојдневно, било во пишана, било во говорна форма, и слепо продолжуваме да се бориме за нашата демократија. Па за која демократија ние се бориме? За слободата да го избереме нашиот владетел кој од секогаш единствено што правел е узурпација на нас, обичните смртници. Демократија си гледа само тој самиот и тоа онаква каква ние не ја познаваме. Целосна, апсолутна слобода во своите делувања и воедно, нас ни ги затвора очите доволно за да продолжиме да се бориме за таа „негова“ демократија. Зборувам за онаа добро позната ситуација на „розови очила“.
Мислите ме окупираат цел ден, а знам дека утре и јас како и сите вие ќе продолжиме кон исполнувањето на нашите демократски принципи и начела кои неминовно ќе не донесат во унијата на европските држави, основоположници на демократијата. А, се извинувам, која демократија? Онаа што ни дава слобода да си ги бираме диктаторите, или онаа вистинската, народот владее, ако воопшто вторава постои. 
Довидување до следното почитување на демократското право и слободен избор, слободен живот, слободен говор.

Monday, January 9, 2012

Амнести Интернешенал: Протестите за почитување на демократијата и човековите права, продолжуваат

Блискиот Исток и годинава ќе се соочи со протести и бунтови доколку властите не им обезбедат владеење на демократските начела и почитување на човековите права. Амнести Интернешенал во своето соопштение од најновиот извештај на 80 страни, го наведува ова како немоновно и кажува дека тие ќе продолжат со своите напори и во 2012 со цел продолжување на Арапската пролет.

Во соопштението се истакнува дека до промени дошло поради храбриот пристап на тамошните жители кои истапиле на бунтови и протести со цел да го симнат диктаторот и да живеат слободно. Но, воедно се додава дека оставени сами на себе нема да успеат во целосно воведување на демократските начела.
Начинот на кој протестите се задушувани и односот кој го манифестираат полицијата и безбедносните сили мора да биде сопрен. На бунтовите и протестите беа убиени илјадници луѓе од страна на државните власти, АИ нема да се откажат, додаваат дека некој мора да одговара за сторените злосторства и конечно да се воведе промена.
Тие упатуваат и обвиненија до меѓународните организации како Обединетите Нации и Европската Унија, обвинувајќи ги за различен однос кон различни земји. Велат дека ќе се залагаат за земјите каде режимите беа урнати, но сепак се уште се далеку од било каква демократија, сега уште повеќе е отворена можноста за злоупотреба на новонастанатата ситуација и повеќе од било кога им е потребна помош, која велат дека они нема да престанат да им ја пружаат.

Thursday, January 5, 2012

Демократија или не? Прашање е сега!


Што да очекуваме во Новата 2012 година? Многумина најавуваат апокалиптични изданија, ширејќи глобална паника, други пак, ги одбиваат таквите сценарија со голема доза на сарказам и иронија. Најверојатно можеме само да се согласиме дека ова е време на промени, а 2012-та нема да биде исклучок. Несомнено се случија драстични настани во изминатата година, носејќи последици на глобално ниво. За жал, факт е дека тие настани се одразија негативно на целокупната светска сцена. Немири, кризи, бунтови – тоа се спомените од периодот што измина.
Конкретно кај нас, 2011-та година беше одбележана со историското 4-то место на Р. Македонија на Европското првенство во кошарка. Таа неизмерна радост, сигурно има примарно место меѓу останатите спомени кај сите Македонци. Добро е тоа што ваквите емоции комплетно не обземаа во тој период, па заборавивме за момент на сите други проблеми и маки. На страна го оставивме макотрпниот процес на развој на здраво демократско општество, почитувањето на човековите права и вредности, спорот со името и сѐ останато што ја мачи оваа нација. Гордоста, радоста, заедништвото, повторно затропаа на нашите порти.


Но, дали ова ќе ја избрише бруталноста од страна на полицијата што ја воочивме во неколку наврати? Дали тоа заедништво ќе продолжи и понатаму да ни дава сила да се бориме и да ги надминеме сите препреки? Или сето тоа ќе исчезне кога товарот од сите проблеми ќе тежи сѐ повеќе и повеќе...Изгледа дека слогата и хармонијата, кај нас владее за кратко време, само во еуфоричната фаза. Каде се кога е „ густо “ и кога најмногу се потребни? Дали и тогаш ќе се поддржуваме и почитуваме или пак, ќе се делиме на партии, верска, етничка, полова припадност и какви уште не разлики. Ќе знаеме ли да се соочиме со сите предизвици и тешки времиња заедно, исто како што ги споделуваме и убавите моменти?


Што ќе донесе иднината не можеме со сигурност да знаеме. Но, време е да сфатиме колку сме исти и колку можеме да постигнеме, ако сме здружени и меѓусебно се почитуваме. Да ја оставиме демократијата во политичка смисла и да се концентрираме на демократијата од чисто човечки аспект. Применувањето на моралните, етичките и духовните вредности е нешто што ни е многу потребно, а дефинитивно недостасува. Толеранцијата, дискриминацијата, некогаш мора да престанат. Ако навистина следува време на промени, тогаш тие промени нека бидат на подобро. Тие промени нека не обединуваат, поставувајќи основа за здраво општество, во кое не владее страв од сето она што го носи иднината.

Wednesday, January 4, 2012

Рушење на демократијата и враќање на конзерватизмот во срцето на Европа

Унгарија и официјално го започна поткопувањето на демократијата и на човековите права. Ништо не беше превземено ни во моментот кога новиот устав беше изгласан, а како што минуваат деновите изгледите се се помали дека воопшто нешто ќе биде превземено. Таа е дел од Европската Унија која се заснова на либералност и што поголемо следење на демократските начела.



Според новиот устав Унгарија престанува да биде република, судството ја губи самостојноста, плурализмот на медиумите е загрозен, бракот е конституција помеѓу маж и жена, а животот почнува со зачнувањето, сите Унгарци да бидат благословени од Господ.
Додека на сите им е наложено, доколку сакаат да бидат членки на ЕУ, уставот и законите да се реконструираат во што е можно полиберални и подемократски, Унгарија го прави токму спротивното. Што се случува со ерата на демократија и слободата на секое поле? Започнува, се усовршува, или пак и дојде крајот??....Контролата е онаа главна која се појавува се повеќе, а либералноста се задушува, па и може да се каже и дека е само измислен поим кој и воопшто не постоел, туку секој го употребува за да добие некаква корист. Беа одржани протести на кои присуствуваа околу десетици илјади Унгарци под мотото „Повторно ќе има Република“. Во неколку изјави од демонстранти се кажува дека сакале да и покажат на Европа дека во Унгарија има и такви кои нема да дозволат да се руши демократијата. Критики има и од останатите членки на ЕУ кои лобираат за што поскоро решавање на овој проблем кој не смее да продолжи. Ова  е отворено рушење на се она за што се залага и за што постои Европската Унија и сите нејзини членки.



Она што најмногу ми го привлече вниманието е тоа што ситуацијата слободно се развива, уставот беше донесен, никој од ЕУ не се обиде да го спречи. Тој веќе стапи во сила и повторно сите единствено што прават е упатување критики на сметка на владата на Унгарија, а сите сме добро известени какви мерки се превземаат кога треба да симне некој диктатор и на народот да му се помогне во истата намера, а таа држава е далеку и од ЕУ и од која било друга заедница. Унгарија која е во срцето на Европа и е дел од заедницата на која треба да и биде послушна, најслободно си донесе Устав кој според ниедно начело не наликува на демократски.